МЕТ: Се работи на формализација на над 30.000 вработени кои моментално работат на црно во земјоделскиот сектор
Над 100.000 луѓе во Македонија работат на црно, најголемиот дел од нив во земјоделството. Ова го покажуваат новите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Застапеноста на неформалниот сектор во Македонија е загрижувачка. Не се работи само за неплатени даноци и придонеси, туку најчесто ваквите компании не издаваат ниту фискални сметки и го избегнуваат Данокот на додадена вредност. Тие преставуваат нелојална конкуренција на компаниите кои го почитуваат законот и ги плаќаат сите давачки кон државата, за порталот Работник изјави Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи.
„Навистина носителите на политиката треба могу засилено да се зафатат со решавање на овој проблем. Центрите за социјална работа треба да бидат секојдневно присутни на терен и да ги контролираат корисниците на социјална помош и други надоместоци од државата, дали работат некаде на црно. Во време на користење на вештачка интелигенција, ние ги намеме поврзано УЈП, Агенцијата за вработување и Центрите за социјална помош, кои треба во реално време да ги следат податоците за овие луѓе“, вели Димитров.
Според него, наједноставен начин за следење е намалувањето на плаќањето во готовина, за да се следат реалните приходи на граѓаните кои работат на црно и да се отрие потеклото на парите.
„Сигурно не е возможно целосно да го решиме проблемот, но ако го преполовиме бројот на работниците кои работат во неформалната економија, тогаш ќе постигнеме голем успех“, додаде Димитров.
Од Министерството за економија и труд за порталот Работник велат дека намалувањето на „работата на црно“ е еден од приоритетите на Министерството и бара координиран пристап и континуирано спроведување на повеќе мерки.
„Покрај Законот за работно ангажирање на лица, важен инструмент се и годишните оперативни планови за вработување, преку кои се спроведуваат мерки што овозможуваат невработените лица директно да се вклучат во формалниот пазар на труд. Меѓу нив се мерките ‘Самовработување’ и ‘Вработување и раст на правни субјекти’, кои придонесуваат кон создавање нови формални работни места и намалување на ризикот од неформално ангажирање“, велат од МЕТ.
Од таму истакнуваат дека преку мерките за обуки во реални работни услови, како што се „Обуки за побарувани занимања на пазарот на труд“, „Обуки за потреби на конкретен работодавач“ и „Практикантство“, на невработените лица им се овозможува да стекнат конкретни знаења и вештини потребни на пазарот на труд. Значаен дел од лицата кои поминуваат низ овие обуки потоа се вработуваат формално во компании од реалниот сектор.
„Намалувањето на неформалната економија е и дел од активностите предвидени со Реформската агенда. Во таа насока, во Министерството за економија и труд е формирана меѓуинституционална работна група со Министерството за социјална политика, демографија и млади, АВРМ и МВР, преку која се координираат активностите за намалување на неформалното работење.
Во рамки на овој процес се спроведуваат вонредни инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат, се следат резултатите од извршените контроли и се преземаат соодветни мерки. Истовремено, податоците за лицата затекнати при инспекциските надзори се координираат со Агенцијата за вработување и надлежните центри за социјална работа, со цел овие лица да бидат насочени кон соодветни мерки за вработување и социјална поддршка.
Во следниот период се планира и засилена координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да се создадат услови за постепена формализација на работниот ангажман на над 30.000 лица кои во моментов се неформално вработени во земјоделскиот сектор.
Нашата цел е да се делува и превентивно и корективно – преку создавање повеќе можности за формално вработување, подобрување на вештините на невработените лица, но и преку засилени инспекциски контроли и меѓуинституционална координација. На тој начин, постепено ќе се намалува бројот на лицата кои се неформално вклучени на пазарот на трудот и ќе се создаваат услови за поголема сигурност и за работниците и за работодавачите.“

