НИ ТРЕБА ЛИ СКАРАТЕНА РАБОТНА НЕДЕЛА? Анализата го покажува одговорот
Дебатата за скратена работна недела со четири работни дена или помал број часови е веќе отворена во Македонија, инспирирана од вакви примери во земјите од Западна Европа. Во Исланд, Белгија, Шпанија, Германија ваквите модели покажаа дека е можно да се постигне ист или поголем учинок од вработените со помалку работни часови.
Но, клучното прашање е: Дали македонската економија е структурно подготвена за таков чекор?
Краткиот одговор е: Не целосно, барем не без сериозни предуслови.
Проблемот не е во бројот на работни часови, туку што се создава во тие часови. Македонските работници, во просек, не работат малку. Напротив, бројот на работни часови годишно е споредлив, а често и повисок од дел од земјите во ЕУ.
Сепак, продуктивноста, мерена преку БДП по работен час, е значително пониска и изнесува околу 40% од просекот на ЕУ и на нивото на Западен Балкан, каде изнесува 39%.
Тоа значи дека проблемот не е во тоа колку се работи, туку како се работи, со каква технологија и во каков вид сектори. Автоматско скратување на работната недела без зголемување на ефикасноста би значело или помал вкупен економски учинок или притисок врз компаниите и платите или зголемување на сивата економија.
Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) за периодот 2020–2023 година, просечната продуктивност на трудот во земјите од Западен Балкан изнесува околу 27 долари по работен час, наспроти 68 долари во Европската Унија, што укажува на значителен јаз во однос на европските стандарди.
Во рамките на Западен Балкан, највисока продуктивност има Црна Гора со 33 долари по работен час, а следуваат Северна Македонија со 31 долар, Косово со 27 долари, Србија 25 долари и Босна и Херцеговина 23 долари. Албанија заостанува со најниско ниво на продуктивност од само 18 долари по работен час.
Во околните земји, кои се и членки на ЕУ, Грција има продуктивност од 40 долари по работен час, Хрватска од 38 долари, Кипар од 48 долари, Бугарија од 36 долари, а Романија од 32 долари по работен час.
Во 2024 година, продуктивноста на трудот по работен час во Европската Унија порасна за 0,4%, закрепнувајќи по падот од 0,6% во 2023 година, додека бројот на работни часови по вработено лице се намали за 0,1%, продолжувајќи го надолниот тренд по намалувањето од 0,2% во 2023 година.
Продуктивноста (БДП/час) во земјите од Западен Балкан од 2014 до 2023 година порасна само за околу 2 долари, додека во ЕУ27 просекот се зголеми за над 7 долари.
Главни фактори за оваа бавност се помал сооднос на високо продуктивни сектори и капитално интензивни индустрии (економиите во голема мера се потпираат на примарниот сектор и трговијата на мало, кои се карактеризираат со ограничена додадена вредност), ниски инвестиции во истражување и развој и во дигитализација и образовни и вештински ограничувања.
Повеќе тука

