Ноќна мора од работа во банка – „Толку многу луѓе даваат отказ што ги затвораат филијалите“
Некогаш одамна, работата во банка се сметаше за престижна и оној што ќе ја добиеше важеше за вистински среќник.
Денес – сосема поинаква приказна.
Корисничка со прекар „patriota“ на хрватскиот Reddit го сподели своето искуство од работа во банка и како побегнала од работата, иако ги сакала колегите, клиентите, а ни платата не била лоша. Сепак, поради она што секојдневно го доживувала на работа, морала да замине за да го зачува здравиот разум.
„Работата во теорија беше одлична. Требаше да работам во најдобар интерес на клиентите. Сакам да разговарам со луѓе и огромното мнозинство клиенти се нормални, фини луѓе со кои е задоволство да се работи. Ми одговараше локацијата, ми одговараше работата во смени, ми одговараа колегите, па дури ни платата, кога ќе се соберат сите додатоци, божиќница, регрес и сè останато, не беше толку лоша. Но банката сепак успеа да ме доведе до тоа да посакам да заминам. Тоа го постигнаа со секојдневен притисок врз сите нас во филијалите да ‘нудиме’ што е можно повеќе производи и услуги на клиентите. Да цитирам еден надреден: ‘Ако клиентот си замине од вас, а да не склучил кредит, картичка, пакет услуги, уплата во фонд или осигурување, не сте го одработиле состанокот како што треба’“, ја започна својата приказна, пишува Dnevno.
Рекордно работење
„Секој ден ни ставаа до знаење дека сме неуспешни, иако работењето на филијалата и на целата банка беше рекордно добро. Секојдневно бараа списоци со клиенти кои сме ги повикале и што сме им нуделе и, колку и да успеевме да убедиме клиенти, никогаш не беше доволно. Секој месец индиректни закани со губење на 13. плата и други санкции ако резултатот итно не се подобри. Нема врска што една недела претходно бев меѓу неколкуте најдобри банкарки во цела Хрватска по продажба – ако оваа недела малку потфрлиш, веднаш кризен состанок со директорот за да се види зошто ‘забушаваш’. Многу пати сум гледала колешки како плачат – или поради безобразни клиенти или поради малтретирање од страна на шефовите. Речиси сите колеги активно бараат нова работа и си заминуваат штом ќе се укаже прилика. Толку многу луѓе даваат отказ што почнаа да ги затвораат филијалите. Веќе не можат да соберат доволно луѓе за организирање смени, а банките не можат да си дозволат вработување странски работници кои не го знаат јазикот.
Секој пат кога некој ќе даде отказ, шефовите се чудат. Како да не им е јасно зошто луѓето си заминуваат. Веројатно само се преправаат пред нас, затоа што на сите во филијалите ни е совршено јасно зошто. Кога некој ќе се спаси со наоѓање друга работа, ние останатите му честитаме и на некој начин славиме. Колку што слушам, во другите банки ситуацијата е многу слична. Јас сега одам на друга работа, но ми е жал што морам да го напуштам работното место кое можеше да биде совршено, на кое добив стотици пофалби од клиенти, на кое барем пет пати си ја заработив бруто платата, но тоа не беше доволно. Дали и вашите фирми се такви што мораат да ја исцедат и последната капка живот од вас?“, праша таа на Reddit.
Барањата се огромни
„Да… Работата во филијалите е брутална, барањата се огромни, наградите премали. Јас имам среќа што сум во канцеларија меѓу хартиите, но и во ‘мојата’ банка ситуацијата е иста. Убедливо најмногу разговори за работа HR води токму за позиции во филијалите.“
„Интересно е тоа што по сите тие кругови разговори, новите колеги веќе по еден-два месеци почнуваат да бараат друга работа и кај нас се само додека не најдат каква било алтернатива.“
„Забележав дека едно време во банка и во пошта нудеа дополнително и/или животно осигурување. Јас не се чувствував присилена и одбив, но верувам дека на жените кои мораат да го нудат тоа не им е лесно.“
„Драга поранешна колешке, јас тоа го направив одамна. Сè е точно како што си напишала и оној што не бил во тие кругови не знае како е. Со години бев меѓу најдобрите работници, ја обожавав својата работа и луѓето. Клиентите најчесто беа прекрасни. Многу луѓе си заминуваат, а тие ништо не учат од тоа, не се прашуваат зошто. И понатаму ги имам лошите сеќавања на тие директори и силното форсирање на продажбата. Еден ранг лаже на оној над себе. Најдобрите колеги ги имав таму – прекрасни луѓе со кои и ден-денес се слушам и дружам – но сите дадоа отказ.“
Ми рече да лажам директор
„Директорката на филијалата на убав начин ме замоли да лажам директор на регионот за состојбата во филијалата. Директорот на регионот ми сугерираше да внимавам што зборувам со уште повисокиот директор, затоа што еднаш имавме разговор со него. Сите очекуваа малку да се лажат клиентите за да склучат разни полиси и фондови.“
„Платата беше во ред, деновите од годишен одмор исто така, но не можевме да се договориме за термините. Годишниот ни го одобруваа дури една недела однапред, затоа што постојано имаше паника дека некој ќе заврши на боледување или ќе даде отказ.“
„Работев во банка една година… колективот беше одличен, дури и шефот на филијалата постојано нè бранеше од надредените кога ќе се лутеа поради слаба продажба. Филијалата е на остров, уште беа куни, па половина година беше менувачница, а половина година неколку илјади луѓе. Не можам на еден ист човек да му продадам кредитна картичка пет пати.“
„Најмногу ми се згади работата кога гледав колешка (стара гарда) како на многу стар човек, кој дојде да ги среди сметките по смртта на сопругата, му нуди орочено штедење со лоша камата и пенали за предвремено раскинување. Во збунетост и недостиг од финансиска писменост, господинот прифати, а подоцна отвораше дозволен минус за да ги покрие трошоците за погребот, додека инфлацијата ја намалуваше вредноста на тоа штедење.“
Вршат притисок
„По оставинската расправа закажав состанок во банка за да ги префрлам парите од сметката на починатиот сопруг на мојата. Следниот ден истата службеничка ме повика и долго ми објаснуваше дека треба да вложам пари во фондови. Реков дека ќе размислам па ќе се јавам. Сега ми е жал и за неа, затоа што и врз неа се врши притисок и сигурно не ѝ е лесно.“
„Искрено да ви кажам, како некој што ги одработува овие дополнителни работи што вработените во банка ги продаваат – тоа не функционира. И се гледа. Животни осигурувања, разни пакети… Од размена на податоци до знаење за тоа што се продава – ништо. Банкарот не знае, клиентот уште помалку. Условите се лоши. Не зборувам за кредитите, тоа сепак е вашата примарна работа. И не велам дека е виновен вработениот во продажбата. Тоа оди многу подлабоко.
Сè ова од страна што се обидувате да го нудите е смешно. Не разбирам какво е тоа фаќање за сламка да се нудат сè повеќе некакви ‘поволности’ и ‘пакети’ што немаат врска со вашата работа, пакети од 12 евра кои, не знам, ќе нахранат илјадници вработени. Разбирам кога поштата нуди телекомуникациски услуги затоа што се распаѓа. Но ако некој може да опстане во овој капитализам, тоа се банките и нивното прелевање од шупливо во празно.“
„Се чувствувам виновна“
„Да, продажба, продажба и само продажба… притисок врз вработените. Мораш да имаш таков ментален склоп за да игнорираш – во едно уво влегува, од друго излегува. Во сите банки е така. Кој може да има таква самоконтрола – може да работи до пензија. Некои се родени со тоа, а некој доаѓа дома и ја носи работата со себе.“
„Во врска со затворањето на филијалите – го забележав тоа и во делот од Загреб каде што живеам. Сега се чувствувам виновна затоа што сите режиски трошоци за два стана повеќе не ги плаќам преку таа банка, туку преку друг сервис, откако банката минатата година безобразно ги зголеми провизиите. За десет месеци заштедив 30 евра. Веројатно нè има многу и банката го чувствува тоа.
Неодамна бев во една банка каде што имам тековна сметка и мобилно банкарство. Парафразирам разговор: ‘Сакате пакет? Цената е 3 евра.’ ‘Која е разликата меѓу тоа и ова што веќе го имам?’ ‘Тие услуги се во пакет.’ ‘Но тоа се истите услуги, а сега плаќам 1,5 евра? Има ли уште некоја разлика?’ ‘Не.’ На тоа се насмеав: ‘Значи исто е, само мора да понудите…’ Жената се насмеа и се виде олеснувањето затоа што разбира дека мора да го направи тоа. ‘Дајте ми тогаш исто, само поевтино.’ Повторно се насмеавме, завршивме и секоја по својот пат.“
Извор: Bizportal.rs

