ЕкономијаМакедонија

Нов ценовен шок: Од полноќ поскапеа горивата, дизелот со најголем раст

Од денеска на бензинските станици во Македонија важат нови, повисоки цени на горивата, согласно најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Најголемото зголемување е кај дизелот, додека бензините поскапуваат во помал износ.

Според новиот ценовник, Еуродизелот БС (Д-Е V) се продава за 88 денари за литар, што е зголемување од 5,50 денари. Цената на Еуросупер БС-95 изнесува 87 денари за литар, а на Еуросупер БС-98 89 денари, при што двата вида бензин поскапуваат за 1,50 денар по литар.

Новата цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) е 86 денари за литар, додека мазутот М-1 НС ќе се продава по 42,168 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија посочуваат дека корекцијата на цените е резултат на движењата на светските пазари, каде во изминатиот период е регистриран раст на цената на суровата нафта и нафтените деривати. Според РКЕ, просечното поскапување на горивата изнесува 3,59 проценти во споредба со цените што беа во сила од 6 јули.

Во меѓувреме, соседна Србија презеде поинаков пристап. Тамошните власти одлучија привремено дополнително да ги намалат акцизите на нафтените деривати за уште пет проценти, со што вкупното намалување достигнува 10 проценти. Мерката ќе биде во сила до 19 јули и има за цел да го намали товарот врз граѓаните и стопанството поради растот на цените на нафтата на светските берзи.