Нови правила во платниот промет од понеделник, банките викендов ќе вршат технички промени
Банките во земјава во текот на претстојниот викенд ќе вршат планирани системски и технички приспособувања за примена на новите стандарди во националниот платен промет.
Новите правила стапуваат во сила од понеделник, 9 ноември, и се однесуваат на начинот на означување на платежните сметки, платните налози и шифрите за целта на плаќањето.
Една од главните промени е воведувањето на ИБАН-форматот за денарските платежни сметки. Тоа значи дека пред постојниот број на сметката ќе се додава ознаката МК07, но самиот број останува непроменет. Граѓаните нема да треба да отвораат нови сметки, а приспособувањата во електронското и мобилното банкарство ќе ги направат банките.
Ќе се воведат и нови стандардизирани платни налози, кои ќе ги заменат досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53. Новите обрасци ќе се користат и во хартиена и во електронска форма.
Промени ќе има и кај шифрите за целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки ќе бидат заменети со четиризнаковни алфанумерички шифри, усогласени со меѓународниот стандард ISO 20022.
Од банките информираат дека техничките подготовки се спроведуваат со цел преминот кон новите стандарди да помине непречено. Компаниите што користат автоматизирани системи за плаќање и сметководствени софтвери треба да ги следат известувањата од своите банки за евентуалните потребни приспособувања.
Промените произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и од регулативата на Народната банка, а нивната цел е подобра стандардизација на податоците и поефикасна обработка на платежните трансакции.

