Ново правило на интервју за работа – работодавачите сега прашуваат како ја користите ВИ
Вештачката интелигенција се’ повеќе влегува во деловниот свет, а со самото тоа станува и се’ почеста тема на разговорите за работа. Работодавачите повеќе не ги прашуваат кандидатите само за искуството и знаењата, туку се’ почесто ги интересира и како ги користат ВИ алатките, дали се подготвени да ги применат и како ја гледаат нивната улога во иднината на работата.
Сепак, експертите за вработување предупредуваат дека кандидатите не мора да се претставуваат како големи обожаватели на вештачката интелигенција доколку не се. Поважно е да покажат разбирање на технологијата, подготвеност да учат и способност да ја користат таму каде што навистина носи корист.
ВИ прашање кое се’ почесто се поставува на интервјуата
Кандидатите денес можат да очекуваат прашања како: дали користеле ВИ на претходните работни места, кои алатки ги познаваат и како би ги примениле во секојдневната работа.
Според истражувањето на компанијата Галуп, бројот на вработени во САД кои користат вештачка интелигенција на работа пораснал од 21 % во вториот квартал на 20203 година на 50 % во првиот квартал од 2026 година.
Експертите за вработување наведуваат дека работодавачите најмногу ги интересира практичната примена. Кандидатот не мора само да каже дека користел ВИ, туку треба да објасни кој проблем го решил, колку ја забрзал работата или каков резултат постигнал.
„Работодавачите сакаат да видат луѓе кои се адаптабилни и подготвени да прифатат нови технологии, но и луѓе кои умеат да користат ВИ без воопшто да се потпираат на неа“, велат експертите, пишува Business insider.
Не морате да ја сакате ВИ, но морате да ја разберете нејзината улога
Многу вработени и понатаму имаат резерви кон вештачката интелигенција, особено поради прашањата на креативност, безбедност на податоци или страв дека технологијата би можела да замени одредени работни места.
Експертите советуваат кандидатите да не ги кријат своите ставови, но да ги претстават на вистински начин.
Доколку некој не користел многу ВИ, подобро е да биде искрен и да каже дека досега немал многу шанси да ја користи, но дека сака да научи како се употребува технологијата во конкретната компанија.
Наместо потполно отфрлање на ВИ, кандидатите можат да ги нагласат областите во кои им е прифатлива – на пример за административни задачи, организација на времето, анализа на податоци или рутински задачи.
Човечките вештини стануваат уште поважни
Иако ВИ го менува начинот на работа, експертите сметаат дека човечките особини стануваат уште повредни. Работодавачите се’ повеќе ги бараат кандидатите кои имаат способност за критичко размислување, добра комуникација, креативност и способност за решавање на проблеми.
Посебно во технолошкиот сектор повеќе не е доволно само да се знае да се програмира. Компаниите бараат луѓе кои умеат да ја објаснат својата работа, ги разбираат деловните потреби и носат добри одлуки.
„Најважно е да се покаже она што човекот го прави единствен – процената, емоционалната интелигенција, креативноста и способноста за решавање на проблеми“, сметаат експертите за пазарот на труд.
Кнадидатите можат и да ги прашаат работодавачите за ВИ стратегијата
Разговорот за работа не е само прилика компанијата да го процени кандидатот. И кандидатот може да праша како компанијата ја користи новата технологија.
Прашањата како тоа кои ВИ алатки компанијата ги користи, како вработените ги применуваат и какви се очекувањата во секојдневната работа можат да покажат љубопитност и подготвеност за развој.
Експертите порачуваат компаниите се’ уште експериментираат со начините на кои ВИ може да го унапреди работењето, па ни самите работодавачи ги немаат сите одговори.
Најважно е да се покаже спремност за промени
Во ерата на вештачката интелигенција кандидатите кои потполно ја одбиваат новата технологија можат да имаат помали шанси на пазарот на труд. Меѓутоа, ни слепото прифаќање на ВИ не е она што работодавачите го бараат.
Најголема вредност имаат луѓето кои знаат кога ВИ може да помогне, но и кога е потребна човечка процена.
Иднината на интервјуата за работа веројатно нема да биде прашањето „дали ја сакате ВИ“, туку како размислувате, како ги решавате проблемите и како ја користите технологијата за да бидете подобри во својата работа.
Извор: Bizportal.rs

