СветСветот на работникот

Виса отпушта околу 2.600 вработени ширум светот

Американската компанија за дигитални плаќања Виса денеска соопштила дека ќе отпушти околу 7 проценти од вработените, односно приближно 2.600 работници, во рамките на програмата за зголемување на ефикасноста на работењето.

Намалувањето на бројот на вработени првенствено ќе ги опфати тимовите задолжени за технологија и развој на производи, а доаѓа шест месеци откако сличен потег повлекол и главниот конкурент Мастеркард, пренел Ројтерс.

Извршниот директор на компанијата Рајан Меклнерни во интерен допис до вработените навел дека Виса сака дополнитело да ја унапреди ефикасноста за повеќе средства да бидат насочени кон областите со најголем потенцијал за раст.

„Уверен сум дека го правиме она што е исправно за Виса, нашите клиенти и партнери, бидејќи со зголемувањето на ефикасноста создаваме простор за вложувања во најголемите развојни прилики“, порачал Меклнерни.

Тој додал дека вештачката интелигенција (ВИ) ги забрзува промените во начинот на работа на компаниите и овозможува да се автоматизираат поединечни процеси.

Тој, меѓутоа, нагласил дека ВИ не е еднствената причина за намалување на бројот на вработени.

Според годишниот извештај за 2025 година, Виса вработувала околу 34.100 работници, што е осум проценти повеќе во споредба со годината претходно.

Компанијата денеска, по завршувањето на тргувањето на Волстрит, би требало да ги објави деловните резултати за изминатиот квартал.

Аналитичарите оценуваат дека нејзиниот деловен модел и понатаму е стабилен, бидејќи приходите пред се’ зависат од обемот на платежните трансакции, а не од кредитниот ризик, поради што Виса се смета за отпорна и во периоди на забавување на растот на економијата.

Извор: b92.net