Од 1 јули 2026 ЕУ воведува нова давачка за онлајн купување: 3 евра по производ
Од 1 јули 2026 година, во сите земји-членки на Европската Унија ќе се применува нова царинска давачка од 3 евра за секој производ во пратка купена онлајн од земја што не е членка на ЕУ. Со ова се укинува досегашната практика според која пратките со вредност под 150 евра не подлежеа на царина. Тоа значи дека пакет со пенкало, тетратка и приврзок ќе носи дополнителен трошок од 9 евра, плус ДДВ, додека две идентични пенкала ќе се сметаат за еден производ и ќе се наплатува само една давачка.
Според новите правила, купувачите ќе можат да ја платат оваа давачка на два начина: или директно при купувањето, ако онлајн продавницата ја пресметува однапред, или при испорака, кога пошта или курирска служба ќе побара наплата пред предавање на пратката. Властите велат дека целта е да се создадат порамноправни услови за компаниите од ЕУ во однос на трговците од трети земји, а потрошувачите се советуваат внимателно да ги проверуваат условите за купување за да знаат кога и како ќе ги платат дополнителните трошоци.
Новата давачка ќе важи и ако производот подоцна се врати, при што таксата од 3 евра нема да се враќа, освен ако стоката е неисправна. Повратот на ДДВ, пак, ќе зависи од политиката на конкретната продавница. Царинска такса нема да се наплаќа само ако стоката веќе се наоѓа во ЕУ во моментот на нарачката, но експертите предупредуваат дека некои веб-страници можат да создадат впечаток дека работат од ЕУ иако стоката се испраќа од трета земја. Затоа, купувачите треба да ги проверуваат деловите „Услови за користење“ и „За нас“ пред да нарачаат.
Извор: Кариера

