Шведски функционер доби отказ откако беше откриено дека снимал филмови за возрасни
Ларс Ериксон, кој раководел со градската администрација во Јокмок од февруари 2024 година, бил идентификуван во два филма за возрасни. Градските власти процениле дека неговото минато може да претставува безбедносен ризик.
Шведскиот функционер Ларс Ериксон (55), кој ја предводел градската администрација во Јокмок, останал без работа откако во јавноста се открило дека во минатото снимал филмови за возрасни.
Ериксон бил идентификуван во два филма за возрасни, објавени во 2025 година и во октомври годинава. Во филмовите настапувал под псевдонимот Ханс.
Тој тврди дека снимките биле направени пред да ја преземе раководната функција, како и дека последен пат соработувал со индустријата за филмови за возрасни во 2022 година.
Првпат добил отказ во октомври
Ериксон првпат бил отпуштен на 19 октомври, но по една недела бил вратен на работното место, со ограничени овластувања. Му биле одземени надлежностите во врска со вработените, финансиите и буџетот.
Сепак, во средината на ноември повторно била донесена одлука за негово разрешување. Како компензација за отказот, ќе добие исплата во висина на седум месечни плати.
Градските власти се повикаа на безбедносни причини
Одлуката за неговото разрешување градските власти ја образложиле со безбедносни причини. Според нив, неговото минато може да претставува потенцијална слабост и да создаде можност за уцена, особено имајќи ја предвид стратешката важност на регионот.
Ериксон ги отфрлил ваквите аргументи, нагласувајќи дека станува збор за легална активност која завршила повеќе од две години пред да ја преземе функцијата.
Пред да влезе во локалната политика, тој бил пратеник на Социјалдемократската партија во шведскиот парламент.
Извор: Blic.rs

