OpenAI се подготвува за излегување на берза: Вредноста на компанијата би можела да достигне дури еден билион долари до есен
Американската компанија OpenAI подготвува доверливо поднесување документација за иницијална јавна понуда на акции (IPO) во САД, пренесува Reuters, повикувајќи се на извори запознаени со плановите на технолошката компанија.
Компанијата, позната по развојот на четботот ChatGPT, би можела да излезе на американската берза веќе во септември, а според последните проценки нејзината вредност изнесува околу 852 милијарди долари.
OpenAI соработува со инвестициските банки Голдман Сакс и Морган Стели на подготовка на проспектот за IPO, кој наскоро би требало да биде доставен до американските регулатори.
Reuters потсетува дека плановите за излегување на берза следуваат откако OpenAI ја осуети тужбата на американскиот милијардер Елон Маск, во период кога се очекува и поднесување документација за IPO на компанијата SpaceX.
Компанијата предводена од Сем Алтман би можела со излегувањето на берза да достигне пазарна вредност од дури еден билион долари и да обезбеди најмалку 60 милијарди долари капитал.
OpenAI претходно оваа година обезбеди 122 милијарди долари финансирање, што се смета за најголема инвестициска рунда во историјата на Силиконската долина.
Компанијата соопшти дека ChatGPT има повеќе од 900 милиони активни корисници неделно и повеќе од 50 милиони претплатници меѓу потрошувачите, додека на пазарот се соочува со сè поголема конкуренција од компании како Google и Anthropic.
Извор: Telegraf.rs/Tanjug

