Истражување за вештачката интелигенција открива: Овие професии ќе исчезнат, а други ќе процветаат во 2026 година
Со забрзаниот развој на вештачката интелигенција и автоматизацијата, пазарот на труд минува низ длабоки промени. Додека одредени занимања постепено исчезнуваат, оние во кои човечките вештини и понатаму имаат предност пред алгоритмите и роботите стануваат сè побарани.
Понудата и побарувачката за работни места денес силно се обликувани од вештачката интелигенција, автоматизацијата на процесите, зелената транзиција и демографските промени. Некои работни места веќе исчезнаа, други се на пат да исчезнат, но паралелно се отвораат нови можности – особено во области каде искуството, емпатијата, креативноста и стручноста се незаменливи.
Британскиот „Телеграф“ објави анализа на пазарот на труд под наслов „Професии што ќе исчезнат и ќе процветаат во 2026 година“. Иако истражувањето се однесува на Велика Британија, слични обрасци сè појасно се забележуваат и во други технолошки напредни земји.
Рутинските работни места први на удар
Во Велика Британија, невработеноста го достигна највисокото ниво во последните пет години, додека платите стагнираат, а компаниите стануваат сè повнимателни при вработување. Вештачката интелигенција, која презема повторливи и административни задачи, доведе до тоа секоја шеста компанија да планира намалување на бројот на вработени.
Најзагрозени се канцелариските и административните позиции, рутинските финансиски работни места, па дури и дел од осигурителниот сектор. Во малопродажбата, самопослужните каси, автоматизираните продавници и онлајн купувањето сè почесто ги заменуваат луѓето, додека во медиумите и маркетингот сè повеќе се користат алатки базирани на генеративна вештачка интелигенција. Во меѓувреме, развојот на дронови и автономни возила ги менува и професиите на возачите и доставувачите.
Здравство, енергија и ИТ со раст
Сепак, сликата не е целосно мрачна. Здравството и секторот за социјална заштита, особено грижата за старите лица, бележат силен раст. Платите во оваа област во Велика Британија минатата година пораснаа за речиси девет проценти, а побарувачката за медицински сестри, негуватели и вработени во домови за стари лица не стивнува – пред сè поради забрзаното стареење на населението.
Зелената транзиција исто така отвора нови работни места. Инсталатери на соларни панели, техничари за ветерни електрани, експерти за енергетска ефикасност и инженери што работат на одржливи проекти се барани како никогаш досега.
Во исто време, ИТ-секторот продолжува да расте, особено во областите на вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста и управувањето со податоци. Поради тоа, се зголемува потребата од едукатори, наставници, тренери за преквалификација и ментори во STEM-областите, како и од стручњаци за ментално здравје, чија улога добива сè поголемо значење во современото работно опкружување.
Заклучок
Заклучокот од истражувањето е дека работниците треба да размислуваат за преквалификација и усвојување вештини што технологијата тешко може да ги замени. Следењето на трендовите во вештачката интелигенција и зелената транзиција станува клучно за долгорочна сигурност на пазарот на труд.
Извор: EUpravo zato / Телеграф

