ПАРИТЕ ДОСТАПНИ ЗА ГРАЃАНИТЕ – Од денеска пари и за корисниците на социјална помош од Алта банка
Корисниците на социјална помош кои имаат сметки во Алта банка од денеска ќе можат да ги подигнуваат своите средства. Парите од Министерството за социјална политика, демографија и млади вчера биле уплатени на сметките на банката, со што се создадени услови за почеток на исплатата. Во битолската филијала вчера биле исплатени 556 пензионери кои имаат сметки во банката, но не располагаат со платежни картички. Иако првично биле планирани околу 400 исплати, на шалтерите биле услужени и граѓаните кои немале оставено телефонски број за контакт, но самостојно дошле да ги подигнат парите.
Исплатата поминала без проблеми, а пензионерите можеле да повлечат до 20.000 денари, согласно со ограничувањето за период од две недели. Битолската филијала денеска работи во две смени, а ќе биде отворена и утре, во сабота. Од банката најавија дека следната недела, по завршувањето на подготовките, треба да бидат отворени шалтери и во другите градови.
Народната банка продолжува со активности за надминување на проблемите во работењето на банката и постепено овозможување на граѓаните и компаниите безбедно да располагаат со своите средства.

