Ретроградниот Меркур го диктира деловниот календар: Министерката ги советуваше граѓаните да не потпишуваат договори
Министерката за образование и наука на Босна и Херцеговина, Јасна Дураковиќ, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи откако им препорача на граѓаните да ги одложат деловните активности, преговорите и потпишувањето договори до 14 ноември, кога завршува ретроградниот Меркур. По критиките, таа објасни дека нејзината објава била шега.
Јасна Дураковиќ стана тема на дискусии на социјалните мрежи откако на својот официјален профил на ТикТок објави видео во кое предупреди на наводните последици од ретроградниот Меркур.
Според неа, овој астролошки период трае од 30 октомври до 14 ноември и може да донесе проблеми во комуникацијата, недоразбирања и отежнато донесување одлуки.
Поради тоа, таа ги советуваше граѓаните во наредните денови да бидат внимателни со деловните обврски и, доколку имаат можност, да ги одложат важните преговори, договори и потпишувањето документи.
Дураковиќ откри дека и самата во изминатиот период имала низа непријатни искуства во комуникацијата со луѓето, поради што почнала да верува дека положбата на планетите може да влијае врз расположението и однесувањето.
„Почнувам навистина да верувам дека положбата на планетите и тоа како влијае врз нашето расположение, нашето однесување, а особено врз комуникацијата“, изјави министерката.
Таа додаде дека овој период особено тешко го поднесува бидејќи според хороскопскиот знак е Близнаци, а по професија е комуниколог, па проблемите во комуникацијата ги доживеала како дополнителен товар.
Нејзината препорака важните деловни потези да се остават за втората половина на ноември брзо привлече внимание во јавноста, но реакциите не беа онакви какви што веројатно очекувала.
Изјавата предизвика потсмев и критики
Објавата предизвика бројни коментари, потсмев и критики, особено поради фактот што Дураковиќ раководи со ресор задолжен за образованието и науката.
Корисниците на социјалните мрежи се запрашаа како државна функционерка задолжена за науката може да ги советува граѓаните да ги носат деловните одлуки врз основа на астролошки верувања.
Интересно е што министерката уште во самото видео однапред ги замоли следбениците да се воздржат од навреди, со забелешка дека токму преку коментарите ќе може да процени колку ретроградниот Меркур влијае врз нив.
Сепак, откако видеото предизвика голем број негативни реакции, Дураковиќ повторно се огласи, овојпат на Фејсбук, тврдејќи дека нејзината првична објава била со хумористична намера и дека јавноста не ја разбрала на вистинскиот начин.
Извор: Бизлајф.рс

