Светот на работникот

Пет професии кои ги носи иднината на работата – дали сте подготвени за промена

Вештачката интелигенција не го менува само начинот на кој луѓето работат, туку и начинот на кој во иднина ќе се дефинираат работните места. Како што границите помеѓу различните професии се’ повеќе се бришат, традиционалните називи на работните места би можеле да станат минато.

На ова укажал Борис Черни, творец на Claude Code, кој смета дека областите како софтверско инженерство, развој на производи и дизајн се’ повеќе ќе стапуваат во една целина.

Во објавата на социјалната мрежа Икс навел дека искуството на неговиот тим покажува дека работните места на иднината би можеле да изгледаат сосема поинаку од денес. Наместо класични поделби по професии, Черни вработените ги набљудува низ пет различни улоги, пишува Business insider.

Пет професии кои ги носи иднината на работата

Првата група ја сочинуваат прототиписти – луѓе кои развиваат нови идеи и експериментираат со различни решенија. Нивна работа е да осмислат голем број на концепти, иако многу од нив никогаш нема да станат готови производи.

Втората група ја сочинуваат градителите, чија задача е ветувачките идеи да ги претворат во функционални производи подготвени за користење.

Третата група ја претставуваат чистачите, кои ги унапредуваат постоечките решенија, ја отстрануваат непотребната сложеност, ги оптимизираат перформанисте и ги прават производите постабилни и поефикасни.

Четвртата група ја сочинуваат одгледувачите, кои работат на понатамошен развој на постоечките производи, прилагодувајќи ги на потребите на пазарот и проширувајќи ги нивните можности.

Последната група ја сочинуваат стручњанците за одржување, чија задача е производот да остане безбеден, сигурен, брз и ефикасен дури и кога се користи во големи размери.

Еден вработен може да има повеќе улоги

Черни нагласува дека вработените во неговиот тим често не припаѓаат само во една група, туку во текот на работата преземаат повеќе улоги. Според него, успешен тим е оној кој прави добра комбинација од сите овие улоги, а нивниот однос зависи од фазата на развој и сложеноста на производите.

Тој смета дека токму ваквиот начин на организација би можел да ја замени денешната поделба на работни места спрема потесни стручни области.

„Можеби улогите во развојот на производите во иднина повеќе ќе личат на ова отколку на денешните позиции кои се строго поврзани со одредена област“, напишал Черни.

Вештачката интелигенција ја менува организацијата на компаниите

Тој не е единствениот деловен лидер кој смета дека вештачката интелигенција ќе ја промени организацијата на работата во компаниите. Генералниот директор на Figma, Дилан Филд минатата година изјавил дека границите помеѓу занимањата забрзано се бришат и дека сите вработени се’ повеќе стануваат „градители на производи“, без оглед на формалната позиција.

Одредени компании веќе се откажале од традиционалниот назив „менаџер“ и воведуваат нови називи како „тренер на тим“ или „организациски лидер“, кои подобро го опишуваат начинот на работа во ера на вештачката интелигенција.

Флексибилноста ќе биде клучна

На објавата на Черни реагирал и Кун Чен, поранешен вработен во компаниите Мета и Мајкрософт. Тој смета дека ваквата поделба може да биде корисна, но предупредува дека постои опасност вработените да се поистоветат со една улога и да престанат да развиваат нови вештини.

Поради тоа порачал дека работниците мораат да останат флексибилни и подготвени за промени.

Черни се согласил со тој став и одговорил дека улогите на вработените прирордно се менуваат во текот на развојот на различните проекти и дека никој не би требало да биде врзан исклучиво за една улога.

Може ли вештачката интелигенција да замени одредени професии

Еден од корисниците на социјалната мрежа Икс поставил прашање дали вештачката интелигенција во иднина би можела да ги замени градителите и чистачите.

Черни одговорил дека можностите на Claude веќе ги надминуваат овие две улоги.

Како што навел, Claude може да помогне во секоја од овие области во различна мера, а неговите способности со текот на времето дополнително ќе се развиваат.

Според неговото мислење, токму развојот на вештачката интелигенција ќе продолжи да го менува начинот на кој компаниите ја организираат работата, но и начинот на кој вработените ги доживуваат своите професии.

Извор: Bizportal.rs