Правда

Поднесен Предлог закон за трансформација во редовен работен однос

Група на пратеници поднесоа Предлог закон за трансформација во редовен работен однос со кои ќе им се помогне на голем број лица во јавниот сектор во системско решавање на деценски проблем.

„Со Предлог на законот за трансформација во редовен работен однос се пристапува кон системско решавање на долгогодишен, односно деценски проблем со кој се соочуваат голем број лица во јавниот сектор ангажирани со договор на дело, авторски договор или друг договор за извршување на работа. Овој начин на ангажирање, иако бил оправдан поради потребата од флескибилност и брзо ангажирање на неопходен стручен кадар, со текот на времето доведе до создавање на системски проблеми во однос на работните односи, правната сигурност и еднаквиот третаман на работниците“ стои во Предлог законот до кој дојде порталтот Работник.

Предлогот на Законот содржи 12 члена

Со членот 1 се уредува предметот на предложениот Закон, односно трансформирањето во работен однос на неопределено работно време на лицата ангажирани со договор за работа на определено време, договор на дело, авторски договор, договор за отстапување на работник од страна на агенција за привремени вработувања или друг договор за извршување на работа во институциите опфатени со Предлогот на закон. Исто така, се утврдуваат институциите на кои се однесува Предлогот на закон и се пропишуваат исклучоците, односно институциите и категориите лица за кои одредбите не се применуваат.

Со членот 2 се утврдуваат лицата кои можат да го остварат правото на трансформација во работен однос на неопределено работно време. Правото се однесува исклучиво на лицата кои на денот на влегувањето во сила на законот извршуваат работа врз основа на договор.

Со членот 3 се уредува обврската на институциите да склучат договори за вработување на неопределено работно време, односно да донесат решенија за вработување со лицата опфатени со законот, во рок од 90 дена од денот на неговото стапување во сила. Се утврдува дека договорите, односно решенијата за најмногу 50% од вкупно ангажираните лица стапуваат во сила со нивното потпишување, односно донесување, додека преостанатиот број треба да стапи во сила најдоцна до 31.12.2027 година. Исто така, се уредува заштитата на лицата од раскинување на договорот во периодот до стапување во сила на решенијата за вработување, освен во случај на повреда на договорните обврски, како и последиците во случај на таква повреда.

Со членот 4 се уредува постапката за обезбедување финансиска согласност од Министерството за финансии за трансформирање на работниот однос на неопределено работно време. Се утврдува дека согласноста се издава на барање на институциите, при што Министерството за финансии може да одбие да ја издаде доколку не се исполнети законските услови или доколку трансформацијата не е во согласност со расположливите буџетски средства. Дополнително, се пропишува обврската за доставување на договорите со кои се ангажирани лицата, како и начинот на поднесување на барањето за институциите кои се буџетски корисници од втора линија.

Со членот 5 се уредува постапката за пријавување на лицата со кои се склучени договори за вработување, односно за кои се донесени решенија за вработување, во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Како задолжителен документ се предвидува доставувањето на финансиската согласност од Министерството за финансии. Исто така, се утврдува обврската на лицата кои ќе го остварат правото на трансформација во рок од шест месеци да ги исполнат општите и посебните услови за вработување на соодветното работно место, утврдени со закон и со актите за систематизација на институцијата.

Членот 6 ги уредува ограничувањата за понатамошно ангажирање лица со договори по извршеното трансформирање на работниот однос на неопределено работно време. Се пропишува дека институциите можат да ангажираат лица со договор за отстапување на работник од агенција за привремени вработувања, договор на дело, авторски договор или друг договор за извршување на работа, најмногу до 10% од вкупниот број на вработени на крајот од претходната година, со претходно обезбедена финансиска согласност од Министерството за финансии. Предвиден е и исклучок со кој институциите можат да го надминат утврдениот процент најмногу четири месеци во текот на една фискална година, исто така со претходно обезбедена финансиска согласност.

Со членот 7 се уредуваат исклучоците од ограничувањата за ангажирање лица предвидени во членот 6. Ограничувањата не се однесуваат на лицата ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори, адвокатите ангажирани за давање правни услуги, овластените сметководители и овластените сметководствени друштва ангажирани за вршење сметководствени работи, како и на стручните лица ангажирани за потребите на Бирото за процена, повремените набљудувачи во Управата за хидрометеоролошки работи и лицата за непосредно прибирање податоци во Државниот завод за статистика.

Со членот 8 се уредуваат прекршочните одредби, односно се утврдува глобата за лицето кое раководи со институцијата опфатена со законот, доколку постапува спротивно на одредбите од членот 6. За сторениот прекршок е предвидена глоба во износ од 250 до 500 евра во денарска противвредност.

Членот 9 ги уредува преодните прашања поврзани со лицата кои ќе склучат договор за вработување, односно за кои ќе биде донесено решение за вработување. Се утврдува дека овие лица продолжуваат со ангажманот во институцијата до стапување во сила на договорот, односно решението за вработување. Исто така, се утврдува рок од 14 работни дена од денот на влегувањето во сила на законот за институциите да ги усогласат и донесат актите за систематизација на работните места, доколку тоа е потребно за спроведување на трансформацијата, согласно прописите што важеле до денот на влегувањето во сила на законот.

Со членот 10 се уредува дека со денот на влегувањето во сила на новиот закон. престанува да важи постојниот Закон за трансформација во редовен работен однос.

Со членот 11 се утврдува почетокот на примената на одредбата од членот 6, односно се уредува дека ограничувањата за ангажирање лица со договори ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2028 година.

Со членот 12 се уредува влегувањето во сила на законот.