Полисата за осигурување на „Титаник“ оди на аукција, се очекува да достигне цена од 50.000 фунти
Единствениот познат примерок од полисата за осигурување на бродот „Титаник“ ќе биде понуден на аукција во Велика Британија на 21 ноември, а се очекува да достигне цена меѓу 30.000 и 50.000 фунти (до околу 60.000 евра), пренесува Би-би-си.
Документот, кој се однесува на осигурувањето на трупот на бродот за време на пробните пловидби, ќе биде понуден на аукција на куќата „Хенри Олдриџ енд сан“ во Девизис, во грофовијата Вилтшир.
Полисата ја издала компанијата „Атлантик мјучуал иншуранс“ на 27 март 1912 година, само 19 дена пред потонувањето на „Титаник“ за време на неговото прво патување кон Њујорк.
Осигурувањето го покривало челичниот труп на бродот во вредност од 100.000 долари, што денес би изнесувало околу 3,5 милиони долари. Полисата важела една година, почнувајќи од 30 март 1912 година.
Во потонувањето на „Титаник“ загинале околу 1.500 луѓе, а осигурената сума била исплатена во рок од 30 дена по несреќата.

