Вести

Предупредување за оние што патуваат во Грција: Топлотниот бран се сели јужно, критични наредните денови!

Топлинскиот бран во Европа постепено се приближува кон Балканот и Грција, што е особено важно за туристите кои деновиве се упатуваат на летен одмор. Според прогнозата на метеорологот на порталот „Прототема“, Јоргос Катратилас, топлотниот бран што ја погоди Западна и Централна Европа ќе пристигне ослабен, но сепак ќе донесе зголемување на температурата во Грција.

Според Катратилас, Грција, според моменталните податоци, нема да влезе во услови на вистински топлотен бран, но температурата во наредните денови ќе се искачи до 38 степени. Во исто време, комбинацијата од топлина, силен ветер и сува вегетација го држи ризикот од пожари на многу високо ниво.

Европскиот топлотен бран, кој веќе ја зафати Западна и Централна Европа, постепено се движи кон Балканот. Во Грција, тој ќе се почувствува преку зголемување на температурата, но метеоролозите засега не очекуваат екстремни услови како во некои делови од Европа.

За денеска во Грција се очекува претежно ведро време. Само попладне е можно да се види помала облачност на северот од земјата.
Температури до 37 степени, на север во наредните денови до 38. Максималната температура денес во континенталните делови на Грција ќе достигне од 36 до 37 степени. На Крит, Додеканезите и Јонските острови се очекуваат од 33 до 34 степени, додека на Кикладите температурата ќе биде околу 30 степени.

Во Јонското Море ќе дува северозападен ветер, а северен ветер во Егејското Море. Во Атика, каде што се наоѓа Атина, се очекува ведро време. Ветерот ќе дува од север, локално до 7 бофорти, а температурата ќе се движи од 20 до 34 степени.

Во Солун ќе има помала облачност попладне, ветерот во Термајскиот Залив ќе биде слаб, додека температурата ќе достигне 36 степени.
Во вторник, среда и четврток, во потоплите часови од денот, се очекува враќање на нестабилноста во континентална Грција, претежно во планинските подрачја.

Температурата дополнително ќе се зголеми, така што живата во термометарот на северот од земјата ќе се приближи до 38-ми степен. Нешто поизразена нестабилност се очекува во петок, додека значително ќе се намали за време на викендот. Потоа температурата ќе се намали, а северните ветрови ќе се засилат.

Туристите да бидат особено внимателни

За туристите кои одмараат во Грција, важно е да избегнуваат престој на сонце во најжешкиот дел од денот, особено помеѓу 11 и 17 часот. Треба да пијат доволно вода, да носат лесна облека, шапка или капа и да не ги оставаат децата, постарите лица или домашните миленици во паркиран автомобил, дури ни за неколку минути.

Посебна претпазливост е потребна и поради пожари. Сувата вегетација, високите температури и силните ветрови во Грција можат брзо да ја влошат ситуацијата на терен, поради што туристите треба да ги следат локалните предупредувања и пораки од системот 112.

Европа веќе ги брои жртвите од топлината

Колку може да биде опасен еден топлотен бран покажува ситуацијата во Франција, каде што за време на сегашниот европски топлотен бран, регистрирани се околу 1.000 смртни случаи повеќе отколку во нормални услови, претежно кај постари лица, според податоците од француските здравствени власти, пренесува Ројтерс.

Според претходните извештаи, најмалку 18 лица починале во Франција за време на топлотниот бран, вклучувајќи деца кои биле пронајдени во прегреан автомобил. Затоа лекарите и метеоролозите предупредуваат да не се потценува топлината, особено за време на патувањата и летните одмори.

Извор: vecer.press