Економија

Продаваат храна за ракови, испраќаат компири по пошта и прават кадифени копии од домашни миленици: Необични бизниси што носат милиони

Содржина

Од храна за необични домашни миленици до персонализирани подароци и мебел од картон – претприемачи ширум светот докажуваат дека и најневообичаените идеи можат да се претворат во профитабилен бизнис.

Додека едни се обидуваат да се пробијат на пазарот со огромна конкуренција, други заработуваат сериозни суми продавајќи производи за кои повеќето луѓе никогаш не ни слушнале.

Храна за ракови, очила за кучиња, кадифени играчки што изгледаат како вистински домашни миленици, компири со испечатени фотографии и мебел од картон се само дел од необичните производи што пронашле свои купувачи.

Иако на прв поглед звучат како шега, станува збор за вистински производи и деловни модели. Некои од нив прераснале во компании со милионски приходи, додека други станале вирални благодарение на социјалните мрежи.

За овие необични бизнис-идеи се зборува во разговорот меѓу претприемачот Стив Чу, основач на платформата „My Wife Quit Her Job“, и Ник Лопер, водител на подкастот „Side Hustle Show“.

Нивната дискусија, објавена од „Side Hustle Nation“, покажува дека понекогаш најголемата деловна можност се крие токму во пазарите што големите компании ги занемаруваат.

1. Храна за ракови самци: Необичен производ со своја публика

Една од најинтересните приказни доаѓа од индустријата за храна за домашни миленици.

Додека повеќето производители се натпреваруваат на огромниот пазар на храна за кучиња и мачки, една претприемачка одлучила да се насочи кон многу потесна група потрошувачи – сопствениците на ракови самци.

Така настанал брендот „Snout and Shell“, кој продава специјализирана храна за овие необични домашни миленици.

Производите содржат состојки како морски плодови, алги и цвеќиња, а нивната цена се движи од околу 15 до 16 долари.

Интересен е и начинот на рекламирање. Сопственичката на брендот објавува видеа на „ТикТок“ во костим на рак самец, со што привлекува внимание кај потенцијалните купувачи.

Храната се продава преку сопствената веб-страница, „Амазон“ и платформата „Chewy“. Одредени производи бележат повеќе од 400 купувања месечно, а брендот има и околу 500 рецензии од купувачи.

Овој пример покажува дека не е неопходно да се освојува огромен пазар. Понекогаш е многу полесно да се стане препознатлив во мала категорија со малку конкуренција.

2. Очила за кучиња: Бизнис вреден милиони

Кој би помислил дека и кучињата можат да носат очила за сонце?

Компанијата „Doggles“ токму на оваа идеја го изградила својот бизнис. Таа произведува заштитни очила за кучиња, вклучително и модели со диоптрија.

На прв поглед, производот изгледа како забавен моден додаток за домашни миленици. Сепак, компанијата го претставува и како практична заштита за животните на кои им е потребна дополнителна заштита на очите.

Фотографиите од кучиња со очила често привлекуваат големо внимание на „Инстаграм“, што дополнително придонесува за промоцијата.

Според информациите презентирани во разговорот, станува збор за бизнис што прераснал во компанија со милионски приходи.

3. Кадифени играчки што изгледаат како вистински домашни миленици

Компанијата „Cuddle Clones“ пронашла начин да ја претвори љубовта кон домашните миленици во профитабилен бизнис.

Таа изработува кадифени играчки што изгледаат како вистинските миленици на купувачите.

Постапката е едноставна: сопственикот испраќа фотографии од своето куче, мачка или друго животно, а компанијата изработува кадифена копија што што поверно го пресликува неговиот изглед.

Цените на персонализираните производи започнуваат од околу 250 долари.

Компанијата работи од 2009 година, има илјадници позитивни рецензии и повеќе од 500.000 следбеници на „Инстаграм“. Според податоците наведени во разговорот, остварила продажба вредна десетици милиони долари.

Интересно е што компанијата не продава само играчка, туку и емоција. За многу сопственици, кадифената копија претставува спомен од саканиот миленик, а понекогаш и начин да го зачуваат сеќавањето на животно што повеќе не е со нив.

4. Изнајмуваат кокошки на неколку месеци: Купувачите плаќаат до 700 долари

Компанијата „Rent the Chicken“ пронашла интересен начин да заработува од зголемената популарност на домашното одгледување кокошки.

Таа им овозможува на луѓето да изнајмат кокошки на определен период и да испробаат како изгледа производството на сопствени јајца во дворот.

Пакетите чинат меѓу 500 и 700 долари и вклучуваат кокошки и потребна опрема за нивно привремено сместување.

Идејата е наменета за луѓе кои сакаат свежи домашни јајца, но не се сигурни дали се подготвени долгорочно да се посветат на одгледување живина.

Според податоците презентирани во разговорот, повеќе од половина од корисниците на крајот одлучуваат да ги задржат кокошките.

Беше споменат и годишен приход од дури 17 милиони долари, иако соговорниците изразиле сомнеж дали оваа проценка е целосно реална.

Овој пример покажува како и традиционалното земјоделство може да се претвори во современ услужен бизнис.

5. На непријателите им испраќаат пакети полни со светки

Една од најнеобичните деловни идеи настанала од желбата некому да му се приреди необична шега.

Компанијата „Ship Your Enemies Glitter“ им овозможува на купувачите анонимно да испратат пакет полн со светки на лице што сакаат да го изненадат.

Идејата стана вирална на интернет, а првичниот сопственик наводно го продал бизнисот за повеќе од 80.000 долари бидејќи не можел да одговори на огромната побарувачка.

Новите сопственици продолжиле со работењето, а на веб-страницата на компанијата се наведува дека биле испратени дури 275.000 вакви пакети.

Заработката не се заснова само на основниот производ. Купувачите можат дополнително да платат за двојна или тројна количина светки, како и за посебна порака што се става во пакетот.

Токму ваквите дополнителни опции можат значително да ја зголемат вредноста на секоја нарачка.

6. Испраќаат обични компири по пошта со испечатени пораки

Ако претходната идеја ви изгледа необично, следната е можеби уште почудна.

Компанијата „Potato Parcel“ продава обични компири на кои печати фотографии, пораки и различни натписи. Потоа ги пакува и ги испраќа по пошта на адресата што ја избрал купувачот.

Производот стана познат и благодарение на телевизиската емисија „Shark Tank“.

Цената на една нарачка се движи од околу 20 до 40 долари, а купувачите можат да додадат честитки, слатки и други подароци.

Така, нарачка што започнува како компир вреден 30 долари може да достигне цена од околу 45 долари.

Особено интересна е можноста ваквите производи да се користат и во деловната комуникација. Компаниите можат да испраќаат необични подароци до потенцијални клиенти за да се издвојат од вообичаените рекламни пораки и електронска пошта.

7. Писма од Дедо Мраз што се продаваат со децении

Некој пронашол начин да заработува од детската фантазија.

Една компанија продава персонализирани писма што наводно ги испраќа Дедо Мраз. Бизнисот постои уште од педесеттите години на минатиот век, а цената на едно писмо изнесува околу 13 долари.

Родителите ги купуваат овие писма за да им приредат посебно празнично изненадување на своите деца.

Деловниот модел е едноставен, а можностите за проширување се големи. Истиот концепт може да се примени и на други ликови од детскиот свет, како што се самовилата на забите и велигденското зајаче.

8. Капи со вградена брада станаа хит

Компанијата „Beard Head“ продава плетени зимски капи со вградена вештачка брада.

Производот е необичен, забавен и лесно привлекува внимание, што го прави погоден за подароци и промоција на социјалните мрежи.

Иако постојат поевтини копии, купувачите често се жалат на нивниот квалитет. Токму тука оригиналниот бренд се обидува да направи разлика.

Компанијата дополнително ја зајакнала својата препознатливост со појавувањето во емисијата „Shark Tank“ и постојаното претставување нови дизајни.

Според проценката на Стив Чу, ваквите производи можат да имаат високи профитни маржи, бидејќи набавната цена е релативно мала во споредба со продажната.

9. Прават хартија од животински измет и ја продаваат како луксузен производ

Една од најнеобичните деловни идеи доаѓа од Тајланд.

Компанијата „Poo-Poo Paper“ произведува хартија и тетратки од животински измет, вклучително и од слонови и крави.

Основната идеја е отпадниот материјал, по соодветна обработка, да се претвори во употреблив производ.

Комплет од три блока за пишување се продава за околу 25 долари.

Иако на многумина ваквиот производ на прв поглед може да им изгледа одбивно, неговата необичност е токму најголемата предност во маркетингот.

Купувачите не добиваат само хартија, туку и интересна приказна што можат да ја споделат со другите.

Овој пример отвора можности за цела категорија бизниси засновани на преработка на отпад.

Меѓу можните идеи се:

  • Собирање отфрлени еленски рогови и нивна продажба како украси или играчки за кучиња.
  • Претворање на остатоците од храна од продавниците и рестораните во компост.
  • Изработка на ремчиња за паметни часовници од стари кожени чанти и бејзбол-ракавици.
  • Продажба на суви плевели на филмски продуценти за изработка на сценографија.
  • Собирање интересни парчиња дрво што можат да се користат за декорација на аквариуми.

Во одредени случаи, претприемачот може дури и да добие пари за преземање материјал од кој некој друг сака да се ослободи.

10. Продаваат изгубени куфери и предмети што никој не ги подигнал

Што се случува со багажот што патниците го губат за време на патувањата, а никогаш не го пронаоѓа сопственикот?

Во САД постои компанијата „Unclaimed Baggage“, која се занимава токму со продажба на такви предмети.

Компанијата има повеќегодишни договори со авиокомпании, железнички и автобуски превозници.

Собраните предмети завршуваат во нејзината продавница во сојузната држава Алабама, но дел од понудата се продава и преку интернет.

Интересен е податокот дека, според описот на работењето, приближно една третина од предметите се продаваат, една третина се донираат, а преостанатата третина се рециклираат.

Сличен модел може да се примени и на користена електроника, канцелариски мебел и производи вратени од купувачите.

Друг интересен пример се таканаречените ликвидациски палети – пакети со производи што големите продавници ги продаваат по намалени цени. Во нив може да се најдат вратени производи, непродадени артикли и стока од затворени продавници.

11. Крпа што ја заменува тоалетната хартија за жените при планинарење

Компанијата „Kula Cloth“ пронашла многу специфична пазарна ниша.

Таа произведува крпа за повеќекратна употреба што жените можат да ја користат при планинарење и кампување како практична алтернатива на тоалетната хартија.

Производот е направен од посебен материјал и е наменет за луѓе кои поминуваат многу време во природа.

Цената се движи од околу 20 до 24 долари, а компанијата успеала да привлече внимание кај купувачите во продавниците специјализирани за опрема за активности на отворено.

Според една проценка спомената во емисијата, продадени се повеќе од 400.000 парчиња.

Овој пример повторно покажува дека успешниот производ не мора да биде наменет за милиони луѓе. Доволно е да решава конкретен проблем на одредена група потрошувачи.

12. Долна облека во форма на таблетка: Доволно е да се додаде вода

Уште еден производ што звучи како шега, но има практична намена, е долната облека во форма на мала таблетка.

Станува збор за производ што се става во вода, по што се шири и се претвора во парче долна облека за еднократна употреба.

Наменет е пред сè за патници, кампери и луѓе кои сакаат да заштедат простор во багажот.

Идејата е едноставна: наместо да носат дополнителни парчиња облека, можат да понесат неколку мали таблети што заземаат многу малку простор.

13. Сад со мраз и цевка за дишење станаа вирален производ

Една од најинтересните комбинации на производи настанала со спојување на обичен сад и нуркачка цевка за дишење.

Компанијата „Face Plunge“ претставила сад во кој се става ледена вода, а корисникот го потопува лицето во неа додека дише преку прицврстена цевка.

Производот се рекламира како начин за намалување на подуеноста на лицето.

Цената достигнувала околу 100 долари, а според податоците од разговорот, месечната продажба достигнувала приближно 150.000 долари.

Голема улога во популарноста имал „ТикТок“, каде што креаторите на содржини учествувале во предизвици и го промовирале производот преку партнерски линкови.

Оваа идеја потсетува на една важна претприемничка лекција: понекогаш е доволно да се спојат два сосема обични предмети за да се добие нешто што никој претходно не се обидел да го продаде.

14. Направил додаток за лименки и почнал да заработува стотици илјади долари месечно

Една од најинтересните приказни е поврзана со младиот креатор Мајкл Сатерли (Michael Satterlee).

Тој направил необичен држач за лименки со помош на 3Д-печатач. Производот овозможува брзо поставување нова лименка на местото на претходната, што го прави интересен за љубителите на пијалаци и забави.

Видеото во кое го претставил производот достигнало околу 50 милиони прегледи на „Инстаграм“.

Според магазинот „Entrepreneur“, неговиот бизнис во најуспешните периоди остварувал приходи до 300.000 долари месечно.

Претходно заработувал околу 10.000 долари месечно од продажба на мали додатоци за обувките „Crocs“, кои исто така ги изработувал со помош на 3Д-печатач.

Оваа приказна покажува колку современата технологија може да го олесни започнувањето мал производствен бизнис.

Денес дури и релативно достапен 3Д-печатач може да му овозможи на поединецот да направи прототип, да го тестира пазарот и да започне со продажба на сопствени производи.

15. Мебел од картон за саеми и деловни настани

Компанијата „Chairigami“ пронашла начин обичниот картон да го претвори во мебел.

Нејзините производи се наменети за саеми, изложби и различни деловни настани.

Столиците, масите и другите парчиња мебел се изработени така што можат да издржат неколкудневна интензивна употреба, по што можат да се рециклираат.

За организаторите на настани ова претставува интересна алтернатива на класичниот мебел, особено кога опремата им е потребна само неколку дена.

Сепак, овој деловен модел има и еден проблем – транспортот.

Големите производи заземаат многу простор, а трошоците за испорака можат да изедат значителен дел од заработката. Токму затоа некои производители подоцна откриваат дека е поисплатливо да продаваат помали производи.

16. Мал прочистувач на воздух што се носи околу вратот

Уште еден производ што привлекол внимание кај купувачите е мал уред за прочистување на воздухот што се носи околу вратот.

Неговата цена достигнува околу 150 долари, а според наводите во разговорот, во минатото бил меѓу најпродаваните производи на „Амазон“ и имал повеќе од 800 рецензии.

Маркетингот се потпира на загриженоста на купувачите поради загадувањето на воздухот, чадот од шумските пожари и ширењето инфекции.

Сепак, вистинската ефикасност на ваквите уреди е спорна. Стив Чу изразил сомнеж дали уред што се носи околу вратот навистина може ефикасно да го прочисти воздухот што го вдишува човекот.

Овој пример покажува колку силната потреба за чувство на сигурност може да влијае врз продажбата на производи, дури и кога нивната ефикасност не е доволно докажана.

17. Паметен држач за тоалетна хартија ја следи потрошувачката

Меѓу необичните производи се најде и таканаречениот паметен држач за тоалетна хартија.

Уредот следи колку хартија троши корисникот, а одредени модели можат дури и да ја ограничат количината што се одмотува.

Идејата е домаќинствата да имаат подобра контрола врз потрошувачката, но производот предизвикал и бројни копии на пазарот.

Токму тоа е еден од најголемите проблеми за малите производители: штом некој производ почне добро да се продава, конкурентите се обидуваат да направат поевтина верзија.

Затоа квалитетот, препознатливиот бренд и постојаното воведување нови модели често се пресудни за долгорочниот успех.

Како емоциите помагаат во продажбата на необични производи?

Кога ќе се разгледаат сите овие деловни приказни, може да се забележи дека успешните производи често се потпираат на силни емоции.

Некои продаваат хумор и изненадување, како компирите со фотографии или пакетите полни со светки.

Други се потпираат на љубовта кон животните, како кадифените копии на домашните миленици.

Постојат и производи што ја користат загриженоста за здравјето и безбедноста, како и оние што на купувачите им нудат носталгија или посебно искуство.

Токму поради тоа купувачите понекогаш не се толку чувствителни на цената. Кога купуваат подарок, сакаат некому да приредат изненадување или да зачуваат спомен од сакан миленик, подготвени се да платат повеќе отколку за обичен производ.

Вештачката интелигенција го менува начинот на кој малите претприемачи работат

Во разговорот било дискутирано и за начинот на кој Стив Чу ја користи вештачката интелигенција за автоматизација на деловните активности.

Тој користи алатки како „Claude Code“ и „Codex“ за поедноставување на создавањето содржини и секојдневните деловни задачи.

Идеите за видеосодржини ги диктира, по што вештачката интелигенција, обучена според неговиот стил на пишување, ги претвора во сценарија за кои се потребни релативно малку дополнителни измени.

Од еден материјал потоа се создаваат објави за „ТикТок“, „Линкдин“, „Фејсбук“ и други социјални мрежи.

Вештачката интелигенција се користи и за обработка на кратки видеоснимки, додавање преводи и подготовка на содржини за различни платформи.

Ваквиот пристап им овозможува на малите претприемачи да извршуваат задачи за кои во минатото би морале да ангажираат цел тим соработници.

Најважната лекција: Големата заработка често се крие во проблемите што другите ги игнорираат

Сите овие приказни имаат една заедничка порака.

За успешен бизнис не е секогаш потребна револуционерна технологија, огромна инвестиција или целосно нова индустрија.

Понекогаш е доволно да се пронајде проблем што другите не сакаат да го решаваат, да се осмисли едноставен производ и да се пронајдат луѓето на кои токму таквото решение им е потребно.

Тоа може да биде храна за необичен домашен миленик, производ направен од отпад, персонализиран подарок или додаток изработен со помош на 3Д-печатач.

Најголемата предност на малите и специјализираните пазари е тоа што често немаат голем број сериозни конкуренти.

Како што објаснил Стив Чу зборувајќи за една од овие необични идеи, фактот што на почетокот не му бил целосно јасен производот всушност можел да биде добра вест – бидејќи тоа значело дека во таа област веројатно нема многу конкуренција.

Токму тука се крие една од најважните лекции на современото претприемништво: не мора секоја добра деловна идеја да им биде разбирлива на сите. Понекогаш е доволно да ја разбираат и посакуваат само неколку илјади купувачи ширум светот.

Извор: Bizportal.rs