Пролетна прогноза на Европската комисија: Растот на БДП во Македонија ќе забави на 3,2%
Растот на домашниот бруто производ во Македонија годинава малку ќе забави на 3,2 отсто, што е за 0,1 процентен поен помалку во однос на процената од минатата есен, се вели во Пролетните прогнози на Европската комисија објавени денеска. За наредната 2027 година, ЕК предвидува натамошно „ладење“ на македонската економија и раст од 3,1 отсто, што е за 0,2 процентни поени помалку од претходните проекции. Исто така, како што стои во делот од прогнозите за Македонија, се очекува македонската економија да остане под силно влијание на глобалните случувања и на цените на енергијата, што врши и надолен притисок врз извозот на земјата.
Како што посочува ЕК, растот на БДП во Македонија се забрза во 2025 година, поттикнат од домашната побарувачка. Во однос на инфлацијата нотира дека по постепеното намалување на крајот на 2025 година, таа повторно засили во март годинава, особено поради зголемувањето на цените на храната и трошоците во секторот за услуги.
„Поради ранливоста на економијата на шокот од цените на енергијата, се предвидува растот да се забави во текот на прогнозниот хоризонт. Јавните приходи не се остварија толку добро како што беше планирано во 2025 година, но целта за фискален дефицит беше исполнета поради големата недоволна имплементација на капиталните расходи“, се вели во Пролетните прогнози.
Се предвидува дефицитот постепено да се намалува, но се очекува да остане над целта од 3% од БДП во 2027 година без конкретни мерки за консолидација.

