Економија

Романија со највисока инфлација во Европа, Македонија меѓу првите 10

Инфлацијата во Европа постепено се намалува во однос на рекордните нивоа од претходните години, но растот на цените и натаму останува висок во голем дел од европските држави.

Според најновите податоци за 2026 година, објавени од Евростат и Парламентот на Обединетото Кралство, Романија има највисока годишна инфлација во Европа од 9 проценти.

На второто место е Косово со 6,5 проценти, додека Бугарија е трета со 6,2 проценти. Меѓу земјите со највисока инфлација се и Хрватска, Луксембург, Исланд, Литванија и Северна Македонија, која бележи стапка од 4,9 проценти.

Во првите 15 земји според инфлацијата се и Грција, Грузија, Белгија, Словачка, Ирска, Норвешка и Шпанија.

Анализата покажува дека најсилните ценовни притисоци и натаму се присутни во Југоисточна Европа. Во Романија, покрај растот на цените на храната и горивата, инфлацијата дополнително е поттикната и од поскапувањето на кириите.

Во Бугарија, инфлацијата стана чувствително политичко прашање по воведувањето на еврото во јануари 2026 година, бидејќи дел од граѓаните стравуваа дека влезот во еврозоната ќе предизвика дополнителен раст на цените.

Од друга страна, само неколку европски земји успеваат да ја задржат инфлацијата блиску до целта од 2 проценти. Меѓу нив се Чешка и Шведска со 1,5 проценти, Данска со еден процент и Швајцарија со само 0,6 проценти инфлација.

Интересно е што ниту една од овие држави не го користи еврото како национална валута.

Швајцарија во моментов има една од најниските стапки на инфлација во светот, а земјата успеала да избегне и дефлација, односно негативна инфлација.

Во меѓувреме, најголемите европски економии и натаму се соочуваат со инфлација над таргетот на централните банки. Франција има инфлација од 2,5 проценти, Германија 2,9 проценти, а Обединетото Кралство 3,3 проценти.

Економистите оценуваат дека растот на цените на енергенсите, поврзан со геополитичките конфликти како војните во Иран и Украина, и натаму врши силен притисок врз трошоците за живот низ Европа.