ЕкономијаМакедонија

Сè поголем интерес кај компаниите за системот е-Фактура, УЈП одржа работилница во Кичево

Сè повеќе компании се информираат и активно се вклучуваат во проектот е-Фактура, соопшти Управата за јавни приходи по одржаната работилница во Кичево, организирана во соработка со Регионалната комора Кичево при Стопанската комора на Македонија.

На настанот, претставниците на деловната заедница имаа можност непосредно да се запознаат со функционалностите на системот е-Фактура, придобивките од неговата примена, процесот на тестирање и практичните аспекти на неговото користење.

Од УЈП посочуваат дека големиот интерес и активното учество на компаниите претставуваат значаен чекор во процесот на дигитализација на деловните процеси и унапредување на ефикасноста во работењето.

Воедно, Управата ги повика сите компании да се приклучат во тест-периодот на системот е-Фактура и преку свои предлози и повратни информации да придонесат за негово успешно имплементирање.

Системот е-Фактура е дел од напорите за модернизација на услугите и дигитална трансформација на работењето меѓу институциите и бизнис-заедницата.