Се’ повеќе Германци бараат работа вон земјата: Еве каде сакаат да работат
Две третини од работниците во Германија прифаќаат работа во странство како можност.
САД, Обединетото Кралство и Швајцарија се на врвот на листата на дестинации, според анкетата за истражување на пазарот Апинио (Appinio) за веб страната за вработување Индид (Indeed).
Истражувањето покажало дека една третина од испитаниците веќе упатилe конкретни барања. Интересирањето за САД, како што се наведува, неодамна опаднало.
„Ако две третини размислуваат за заминување, тоа треба да се сфати и како знак на незадоволство од условите дома“, рекла економистката на Индид, Вирџинија Зондергелд, пренесува dpa.
Меѓународната мобилност, додала, во основа е добредојдена.
„Политичарите и работодавачите треба сериозно да ги сфатат овие сигнали. Во дијалог со вработените мораат да се создадат нови поттикнувања за работа во Германија, да се подобрат условите за работа и на талентираните луѓе да им се дадат вистински причини за да останат“, рекла Зондергелд.
Желбата за работа во странство била особено изразена меѓу лицата со високи примања.
Околу половина од оние со нето приход во домаќинството поголем од 6.000 евра месечно веќе се пријавиле за работа во странство или ги истражуваат странските пазари на труд.
Меѓутоа, голем дел од нив не сакаат трајно да останат во странство, а распонот на желби се движи од неколку месеци до повеќе години.
Извор: b92.net

