Што се бумернаг вработени и зошто компаниите повторно ги бараат?
Отказите поради вештачката интелигенција добиле неочекувано продолжение: компаниите кои побрзале да ги заменат луѓето со технологијата сега сфаќаат дека им е потребно искуството на вработените кои ги отпуштиле. Така настанува нова категорија на работници – бумеранг вработени – оние кои им се враќаат на работодавачите кои еднаш ги прогласиле за вишок.
Вештачката интелигенција требало на компаниите да им донесе поголема продуктивност, помалку трошоци и поедноставно работење. За многу вработени, сепак, нејзиното воведување значело нешто сосема друго – отказ. Сепак, додека едни барале нова работа, дел од работодавачите почнале да сфаќаат дека автоматизацијата не е така едноставна како што изгледала во презентациите и плановите за штедење.
Така се појавува нов тренд на пазарот на труд, кој експертите го нарекуваат AI rebounding – враќање на вработените кои вештачката интелигенција претходно ги заменила. Станува збор за своевидни „бумеранг вработени“, луѓе кои се враќаат во компаниите од кои веќе еднаш заминале, но овојпат не затоа што не успеале да најдат друга работа, туку затоа што работодавачите повторно ги повикале.
Според истражувањето на компанијата SHL, спроведено меѓу повеќе од 1.000 вработени во САД и исто толку во Велика Британија, речиси секој петти испитаник во САД вели дека добил отказ или бил заменет со вештачката интелигенција, а потоа бил повикан да се врати.
Наодите укажуваат на тоа дека некои компании дури подоцна увидуваат дека прерано ја прекинале соработката со луѓето кои ги познавале нивните процеси, клиенти и начинот на работење.
„Сфаќаат дека пребрзо го повлекле кабелот“, оценила Луси Бомонт, глобална виша потпретседателка за производи и дизајн во компанијата SHL.
Компаниите заборавиле дека ВИ не ја познава работата како човекот
Отказите поврзани со вештачката интелигенција станале една од доминантните теми на пазарот на труд во текот на 2026 година. Според податоците на консултанската компанија Challenger, Gray & Christmas, работодавачите во мај 2026 година го навеле ВИ како главна причина за речиси 40 % од најавените отпуштања. Сепак, искуствата на компаниите покажуваат дека замената на вработените со технологија не секогаш носи очекувани резултати. Според извештајот на компанијата Orgvue од март оваа година, дури 32 % од организациите кои отпуштиле вработени поради воведување на ВИ технологија морале повторно да ги вработат.
Меѓу големите компании кои ги промениле првобитните одлуки се споменуваат Форд и Амазон. Џосеф Фулер, професор по менаџмент на Харвард Бизнис Скул, смета дека една од најголемите грешки е тоа што компаниите воведувањето на вештачката интелигенција го посматраат како имплементација на било кој друг софтвер.
Логиката досега во главно била едноставна: ако компанијата вложи пари во нова технологија, мора некаде да пронајде заштеда, а најчесто ја пронаоѓа во намалувањето на број на вработени. Сепак, ВИ не е само уште еден софтвер кој презема одредени задачи. Неговата вистинска вредност доаѓа до израз кога се комбинира со знаењето и искуството на луѓето кои ја разбираат работата. Фулер тоа го нарекува „контекстуална интелигенција“ – познавање на процесот, клиентите и специфичноста на работата кои не можат едноставно да се пренесат на алгоритам.
Вештачката интелигенција може да обработи податоци, да ја забрза комуникацијата и да ги автоматизира повторувачките задачи, но не може во потполност да ги замени луѓето кои ја познаваат компанијата, ги разбираат потребите на купувачите, имаат способност за процена и умеат да изградат однос со другите. Токму тоа е искуството кое некои компании сфатиле дека не можат толку лесно да го надоместат.
Се враќаат, но под свои услови
Враќањето во компанијата која претходно ве отпуштила поради вештачката интелигенција не е исто што и враќање на старо работно место после класична промена на работа. Вработените сега имаат поинакви очекувања, а многумина се подготвени да се вратат само ако работодавачот ги прифати новите понуди.
Според истражувањето на SHL, севкупно 6,6 од испитаните вработени во САД велат дека под никакви околности не би се вратиле кај поранешниот работодавач. Сепак, оние кои би го зеле предвид враќањето очекуваат значајно повеќе отколку пред отказот.
Речиси половина од испитанците би барале значајно зголемување на платата, додека 43 % би сакале писмена гаранција за сигурноста на работното место. Околу 40 % би барале потполна транспарентност за тоа како вештачката интелигенција се користи во нивната работа, а 30 % сметаат дека извинувањето или макар признавањето на грешката би било услов за да се вратат. Зад овие барања се крие многу повеќе од преговори за плати. Вработените сакаат да знаат дали повторно ќе бидат прогласени за вишок штом се појави нова верзија на ВИ алатите.
Бомонт предупредува дека отказот суштински го менува психолошкиот однос помеѓу вработениот и работодавачот. Дури и кога работникот ќе се врати, довербата која еднаш е нарушена не може автоматски да се обнови со потпишување на нов договор.
Таквата одлука може да остави последици на мотивацијата, продуктивноста и ангажираноста на вработените, но и на атмосферата во целиот колектив. Останатите работници гледаат што се случило на нивните колеги и се прашуваат колку нивното работно место е навистина сигурно.
Кои вештини на вработените ќе им бидат потребни во ерата на ВИ?
Додека компаниите се обидуваат да ја пронајдат рамнотежата помеѓу автоматизацијата и човечката работа, вработените се’ повеќе вложуваат во вештини кои би можеле да им обезбедат подобра позиција на пазарот на труд.
Истражувањето на SHL покажува дека 44 % од испитанците во САД самостојно учат да користат ВИ алатки. Од нив 42,6 % развиваат специфични знаења од својата индустрија кои вештачката интелигенција не може лесно да ги репродуцира, додека 40 % работат на интерперсонални и лидерски вештини. Креативното и стратешкото размислување ги унапредуваат 38 % од испитанците.
Фулер смета дека адаптабилноста ќе биде една од најважните карактеристики на вработените во наредниот период. Развојот на вештачката интелигенција се одвива толку брзо што компаниите ќе мораат непрестајно да ја менуваат организацијата на работата, структурата на тимовите и потребите за одредени занимања. Поради тоа вработените ќе мораат да се навикнат на постојани промени, но и да научат како да ја користат технологијата наместо да гледаат на неа исклучиво како на конкуренција.
Бомонт им советува на вработените да препознаат во кои области нивните единствени способносности можат да донесат најголема вредност. Ако ВИ преземе рутински задачи, прашање е што им останува на луѓето и како најдобро да се искористи она што човекот може да го понуди.
Истовремено, одговорноста не е само на вработените. Од раководителите се очекува да размислат за дополнителна обука, нови позиции и можности за интерно напредување кои отвораат примена на вештачката интелигенција.
Компаниите кои долгорочно ќе имаат најмногу корист од ВИ технологијата, заклучува Бомонт, нема нужно да бидат оние кои најмногу го намалиле број на вработени, туку оние кои технологијата ја искористиле за да го унапредат начинот на работење. Бидејќи, ако компанијата мора да ги бара поранешните вработени да се вратат, можеби проблемот не бил во тоа што луѓето станале вишок, туку во тоа што работодавачот преценил колку технологијата може да направи без нив.
Извор: BIZLife.rs

