Словенците во голем проблем: Им недостигаат 10.000 работници пред шпиц сезоната
Словенечкиот туристички сектор влегува во летната сезона со сериозен кадровски дефицит, додека работодавачите предупредуваат дека недостигот на работна сила веќе влијае на квалитетот на услугите и организацијата на работата. Покрај недостигот на работници, индустријата дополнително ја оптоваруваат и растот на трошоците и неизвесноста на пазарот, што би можело да влијае на целокупната туристичка сезона.
Пред летната туристичка сезона словенечкиот туристички сектор се соочува со сериозни предизвици, а најголем меѓу нив е недостигот на работна сила. Според процените на надлежните институции, во угостителството и туризмот моментално недостигаат повеќе од 10.000 работници.
Експертите предупредуваат дека на овогодишната сезона ќе влијаат и геополитичките тензии, како и растот на цените на горивата, што би можело да ја промени структурата на туристи. Се очекува помал број на посетители од Азија, додека тој пад делумно би можеле да го надоместат гостите од Европа и Соединетите Американски Држави.
Директорот на Туристичко – угостителската комора на Словенија истакнал дека секторот истовремено трпи и раст на трошоците за работа, енергија и материјали, што дополнотелно го отежнува работењето. Како што наведува, компаниите се наоѓаат во дилема дали зголемените трошоци да ги префрлат на крајната цена, што пазарот често не го дозволува, па профитабилноста опаѓа и се намалува просторот за нови вложувања.
Иако платите во секторот во претходните години значајно пораснале, работодавачите и понатаму имаат тешкотии да привлечат и задржат работници. Податоците покажуваат дека платите помеѓу 2019 и 2025 година пораснале за речиси 50 %, но тоа не било доволно за да се реши проблемот со недостигот на кадар.
Угостителскиот сектор со години предупредува на недостигот на вработени, поради што многу објекти биле принудени да го скратат работното време или да го прилагодат работењето. Дополнителен проблем преставува и сезонството на работата и изискувачките услови за работа, посебно во текот на летните месеци.
Иако измените на законот овозможиле полесно ангажирање на странски работници во туризмот и угостителството, работодавачите сметаат дека процедурите и понатаму се комплицирани и бавни. Поради тоа често се случува работниците во меѓувреме да заминат во други земји од Европската унија.
Најбарани се работниците од земјите на поранешна Југославија, но се’ поголем број на работници доаѓаат од азиските држави како Индија, Бангладеш, Непал и Филипини.
Претставниците на секторот бараат дополнителни измени на прописите за да се овозможи пофлексибилно вработување, особено во периоди на зголемен обем на работа, како и полесно ангажирање на работници на сезонските работни места.
Од друга страна, синдикатите предупредуваат дека ни зголемувањето на платите не се доволни за да се реши проблемот со одливот на работна сила. Како главни причини ги наведуваат напорното работно време, работата за време на викенд и празници, како и релативно ниските плати во споредба со другите сектори.
Дополнителни предизвици се работењето на високи температури, недоволниот одмор помеѓу смените и невоедначната примена на прописите за заштита при работа. Експертите истакнуваат дека подобрувањето на условите на работа би можело значајно да ја зголеми атрактивноста на овие занимања и да го ублажи долгорочниот недостиг на работна сила.
Извор: M.A./EUpravo zato/biznis.rs

