„Small talk“ како бизнис алатка: Три техники кои ќе ве направат мајстор за комуникација
На сите ни се случило – стоите покрај апаратот за кафе или чекате сите да се вклучат на Zoom, некој ви вели „Здраво“, а вашиот мозок во тој момент станува празен лист хартија. Дури и професионалните говорници и лидери често остануваат затечени од обичен, неодреден поздрав.
Иако делува безначајно, „small talk“ (необврзниот разговор) е всушност загревање пред вистинскиот тренинг за поврзување. Како и секое загревање, оди многу полесно кога знаете неколку правилни потези. Еве три едноставни начини како да ја избегнете непријатната тишина, без да мора да бидете природно харизматични.
1. Забележете детал и дајте специфичен комплимент
Општите ласкања од типот „супер презентација“ звучат како генерички коментари на LinkedIn – пристојни се, но веднаш се забораваат. Трикот е во специфичноста.
Наместо општи фрази, фокусирајте се на нешто опипливо: „Вашиот аргумент за одложување на лансирањето на проектот беше одличен. Како дојдовте до таа временска рамка?“ или дури „Тој планер изгледа многу организирано, од каде го набавивте?“. Кога ќе забележите детал, испраќате порака дека навистина сте присутни и дека му посветувате внимание на соговорникот.
2. Поставете прашање со „скелет“
Повеќето необврзни разговори „умираат“ бидејќи прашањата немаат доволна тежина за да го задржат вниманието. На прашањето „Како беше на состанокот?“, одговорот најчесто е „Добро“. И тука е крајот.
Решението е во промена на конструкцијата:
- Наместо „Како помина состанокот?“, прашајте: „Што најмногу ве изненади на тој состанок?“
- Наместо „Каква ти е неделата?“, пробајте со: „На што работиш моментално, а што ти е навистина интересно?“
Ваквите прашања се покана за приказна, а луѓето речиси секогаш имаат некоја приказна што со задоволство би ја споделиле, само им треба вистински повод.
3. Фрлете „конкретна мамка“ за разговор
Ова е техника која најчесто ја предаваат врвните деловни (executive) коучи. Наместо на прашањето „Како го помина викендот?“ да одговорите кратко со „Беше супер“, понудете информација за која другата страна може да се „закачи“.
Пример: „Беше одлично. Син ми првпат се обиде сам да направи појадок, па добив јајца кои беа и преблаги и малку изгорени, но гестот беше феноменален“.
Сега вашиот соговорник има опции: може да ве праша за децата, да ги признае своите катастрофи во кујната или да сподели слична анегдота. Вие сте завршиле половина од работата, а на другата страна сте ѝ го тргнале притисокот дека мора да измислува нова тема.
Поентата на приказната
Необврзниот разговор не мора да биде длабок, ниту болен. Треба само да биде малку поспецифичен. Испробајте една од овие техники веќе утре кај апаратот за кафе и испратете го прашањето „какво е времето“ во заслужена пензија.
Извор: BIZLife / К. Ј.

