Со вештачката интелигенција учиме побрзо, но колку навистина паметиме?
Вештачката интелигенција ни овозможува за неколку секунди да добиеме одговор на речиси секое прашање. Наместо со часови да пребаруваме книги, да споредуваме извори и самостојно да се обидуваме да разбереме сложени концепти, денес можеме да стигнеме до информациите со неколку кликања. Но, брзиот пристап до информации не значи дека навистина сме ги научиле. Напротив, ако сè почесто ѝ препуштаме на технологијата да размислува наместо нас, ризикуваме да ги прескокнеме токму оние ментални процеси што ни помагаат трајно да го задржиме знаењето.
На овој проблем укажува Томас Опонг во текст за „Fast Company“, потсетувајќи на кривата на заборавање, која германскиот психолог Херман Ебингхаус ја претставил уште во 1885 година.
Неговите истражувања покажале дека со текот на времето забораваме голем дел од научените информации доколку не ги повторуваме или не ги применуваме во практиката.
Со други зборови, можеме цело попладне да читаме, да ги подвлекуваме важните делови од текстот и повторно да им се навраќаме на истите пасуси, а веќе следниот ден да не можеме да се сетиме на поголемиот дел од прочитаното.
Со вештачката интелигенција овој проблем добива нова димензија. Кога одговорот ни е постојано достапен со неколку кликања, сè помалку имаме причина да се обидеме самостојно да го извлечеме од сопственото паметење.
Зошто читањето не е исто што и учењето?
Една од честите заблуди е дека сме научиле нешто само затоа што сме го прочитале и сме го разбрале во дадениот момент. Сепак, постои разлика меѓу препознавањето на информацијата кога повторно ќе ја видиме и способноста самостојно да се потсетиме на неа.
Токму затоа експертите за учење ги препорачуваат техниките на активно присетување и повторување во временски интервали.
Првата техника подразбира, по читањето книга, напис или одреден материјал, да го затвориме изворот и да се обидеме со свои зборови да објасниме што сме научиле.
Наместо повторно да ги читаме подвлечените реченици, можеме да земеме лист хартија и да ги запишеме најважните идеи на кои се сеќаваме. Не е неопходно веднаш сè да биде точно. И самиот обид за присетување е важен дел од процесот на учење.
Втората техника се заснова на повторно навраќање на истите информации во сè подолги временски интервали.
На пример, она што сме го научиле денес можеме да се обидеме да го повториме утре, потоа по неколку дена, една недела подоцна и повторно по еден месец.
Таквиот пристап помага информациите да не останат само во краткорочното паметење, туку постепено да се зацврстат во долгорочната меморија.
Вештачката интелигенција може да го олесни учењето, но не и да го замени
Проблемот не е во самата технологија, туку во начинот на кој ја користиме. Вештачката интелигенција може да биде корисна алатка за објаснување сложени поими, организирање информации и побрзо совладување нови теми. Но, ако се потпираме исклучиво на готови одговори, може да ја пропуштиме можноста самостојно да размислуваме, да поврзуваме идеи и да го проверуваме сопственото знаење.
За да ја искористиме технологијата на најдобар начин, важно е да не бидеме само пасивни приматели на информации. Наместо веднаш да го прифатиме одговорот што го добиваме, можеме да се обидеме самостојно да го објасниме, да поставуваме дополнителни прашања и да провериме дали навистина сме ја разбрале темата.
На крајот, брзината со која доаѓаме до информациите не е исто што и знаењето што го стекнуваме. Вештачката интелигенција може да ни помогне да учиме поефикасно, но трајното знаење и понатаму бара активен ангажман, повторување и самостојно размислување.
Извор: BIZLife.rs

