ЕкономијаМакедонија

Состанок за цените на основните производи: Трговците ги кревале маржите дури и кога набавните цени паѓале

Министерството за економија и труд денеска седнува на маса со производителите и дистрибутерите за цените на основните производи. Анализите на пазарната инспекција открија дека трговците го користеле просторот за зголемување на сопствените маржи, задржувајќи ги високите цени дури и кога набавните паѓале. Сепак, најновите податоци покажуваат дека пазарот конечно влегува во помирна фаза.

Како што кажа во четвртокот министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, по седницата на Економско-социјалниот совет, контролите што ги спроведе Државниот пазарен инспекторат на над 700 производи покажале дека во периодот од мај 2025 година до мај 2026 година, просечните набавни цени кај основните прехранбени производи и средствата за хигиена се зголемени за 2,66 проценти, додека просечните продажни цени пораснале за 4,56 проценти.

– Тоа значи дека дел од растот на малопродажните цени на прехранбените производи и другите производи се зголемуваат поради бруто-профитната маржа која што одредени трговци ја зголемиле оваа година, односно кога се намалиле набавните цени, тие не ги намалиле своите цени, рече Дурмиши.

Дурмиши посочи дека инфлацијата за јуни е намалена за 0,5 проценти, при што цените на храната и безалкохолните пијалаци се намалени за 1,1 проценти, а на транспортот за 1,6 проценти.

-​ Од друга страна, најновата анализа што е направена, исто така за периодот март-јуни 2026 година, покажува поинаков тренд кај производителите, односно набавните цени пораснале за околу 2,04 проценти, додека продажните цени се зголемиле за само 0,16 проценти. Тоа значи дека трендот на зголемување на бруто-профитната маржа крајните месеци е намален и цените се во стабилна фаза. И за една година се зголемила само бруто-профитната маржа од страна на трговците, но тоа не е за овие крајни месеци.  Крајните месеци, од март до јуни годинава, имаме само 0,16 проценти зголемување на бруто-профитната маржа, што покажува дека е во стабилна состојба, рече Дурмиши.