УЈП: Реформите се дел од европската даночна агенда, институцијата доби меѓународни признанија
Управата за јавни приходи соопшти дека реформите што се спроведуваат во институцијата во изминатите две години не се само национален процес, туку се дел и од европската даночна агенда.
Во објавата на УЈП, посветена на периодот од јули 2024 до јуни 2026 година, се наведува дека институцијата остварила значајни резултати во областа на меѓународната соработка и институционалната афирмација.
Како едно од најзначајните признанија се истакнува претседателството со Интра-европската организација на даночни администрации, IOTA, за периодот 2026-2027 година. Претходно, УЈП била и член на Извршниот совет на IOTA за периодот 2025-2026 година.
Од Управата посочуваат и дека преку програмата „Fiscalis“ добиле признание како една од најактивните даночни администрации меѓу земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија.
УЈП за првпат била поканета и активно учествувала и на европскиот самит на даночни администрации TADEUS, што, според институцијата, претставува уште една потврда за зголемената меѓународна видливост.
Во изминатиот период, Управата ја зајакнала и соработката со даночните администрации во регионот и пошироко, преку потпишување меморандуми и институционални поврзувања за размена на искуства и добри практики.
УЈП била домаќин и на два меѓународни настани со учесници од повеќе европски даночни администрации: Заедница на практики организирана од ММФ и работилница организирана од IOTA.
Од институцијата наведуваат дека нивната долгорочна цел е УЈП да биде активен учесник во креирањето политики на европските даночни администрации.

