Светот на работникот

Вештини за работа – кои се најбараните и како да ги развиете?

Вештини за работа, но и вештини на иднината

Промените на пазарот на трудот денес се случуваат значително порапидно отколку пред една деценија. Автоматизацијата, вештачката интелигенција (ВИ) и дигитализацијата го редефинираат речиси секое работно место – без разлика дали е во канцеларија или во фабрика. Професиите кои некогаш гарантираа стабилност, сега се под ризик да исчезнат, а новите технологии креираат нови работни позиции.

Луѓето треба да имаат предвид дека некои вештини за работа значително ќе се променат до 2030 година. Тврдењето се базира на Извештајот на Светскиот економски форум, кој посочува дека 39 % од работодавачите очекуваат да се случи токму тоа. Оттаму, повеќе нема да биде важно дали се поседува факултетска диплома; акцентот ќе се стави на континуирано адаптирање и учење. На вештините на иднината.

Вештини за работа: дигиталната писменост и аналитичкото размислување се новата реалност

Без разлика дали работи во администрација, маркетинг или производство, секој работник мора да има основна дигитална писменост. Автоматизираното работење со бази на податоци, користењето алатки за анализа и разбирањето на вештачката интелигенција не е повеќе предност, туку стандард.

Покрај тоа, се повеќе во фокус се ставаат вештините за работа, како аналитичкото размислување и решавањето на проблеми. Компаниите се во потрага по луѓе кои знаат да носат одлуки базирани на податоци, а не само на интуиција. Реалноста е дека технологијата може да обработи огромни количини на информации, но аналитичката способност и креативноста остануваат непроценливи човечки вредности.

Меки вештини и емоционална интелигенција – клучни вештини за иднината

Сè повеќе работодавачи бараат од кандидатите да поседуваат меки вештини. Затоа тие се најважните вештини на иднината. И да, дигиталната писменост е значајна, но способноста за комуникација, соработката, емпатијата и менаџирањето на времето се безвременски и бесценети. Во ера на моделите на работа на далечина и хибридната работа, овие способности се во прв план.

Работењето од различни градови и држави изискува јасно комуницирање, активно слушање и решавање на проблемите на конструктивен начин. Лидерите кои умеат да мотивираат и инспирираат се иднината во светот на работата.

Емоционалната интелигенција – способноста да се препознаат и управуваат сопствените и туѓите емоции – стана суштински дел од деловниот свет. Вештачката интелигенција може да ги извршува техничките задачи, но не може да овозможи топлина, разбирање и искреност – карактеристики кои ги поседува само човекот и кои воедно го прават незаменлив.

вештини за работа дигитална писменост аналитичко размислување
Фото: Unsplash

Вештачка интелигенција и идни вештини за работа – закана или можност

Голем дел од луѓето вештачката интелигенција ја гледаат како закана по работните места. Сепак, експертите уверуваат дека вистинската опасност не е ВИ, туку недостигот од адаптирање на промените. Историјата покажува дека секоја револуција, било индустриска или технолошка создава нови, истовремено елимнирајќи некои стари професии. Катерина Златановска – Попова, моја долгогодишна соработничка и советник за развој на кариера во еден наврат го рече следното: работниците нема да бидат заменети од вештачката интелигенција, туку од работниците кои знаат да ја користат.

Заради тоа, на вештачката интелигенција не треба да се гледа како на средство за разор, туку како на алатка за аугментација (надградба).

Работните места кои изискуваат вештини за работа што се состојат од технологија и човечка креативност се иднината. Дел од тие професии веќе на големо ги гледаме по огласите за работа: аналитичари на податоци, специјалисти за дигитален маркетинг, експерти за управување со ризици… А тука секако се и професиите кои ја следат етичката примена на новите технологии кои сè уште се развиваат (на пр. Етичар за вештачка интелигенција).

👉 Прочитајте и: Флексибилно работно време во Македонија – дали компаниите се подготвени?

вештачка интелигенција и вештини за работа
Фото: Unsplash

Пет клучни вештини за работа

1. Постојано учење

Постојат голем број на онлајн курсеви и платформи кои нудат кратки програми. А тука се и YouTube и неговите бројни туторијали и едукативни видеа. Доволно е да се одвојат неколку часа неделно за да се стекне основата на некоја вештина која може да ја зголеми професионалната вредност на работникот.

2. Адаптабилност

Наместо да се држи до еден тип на работа, треба да се стекнуваат преносливи вештини за работа- анализа, пишување, комуникација, работа со податоци. Тие овозможуваат прилагодување на различни улоги и индустрии.

3. Култивирање креативност и критичко размислување

Процесите што бараат нов пристап, идеја или иновација се поотпорни на автоматизација. Луѓето кои умеат да ги гледаат нештата од различни агли ќе бидат најбарани. Критичкото размислување е една од највредните вештини во животот. Таа не помага само на професионално поле, туку и во секојдневието. Ако се прашувам јас – е една од најважните вештини за работа на иднината.

4. Работа со технологија

Без оглед во која сфера и да работите, познавањето на алатките како Excel, Canva, WordPress и други дигитални апликации, веќе е дел современото CV. Работодавачите преферираат кандидати кои не се плашат да експериментираат со нови дигитални алатки.

5. Самоиницијативност и лидерство

Можеби не секој има способност да биде лидер, но во најмала рака може да биде самоиницијативен. Еве на пример, текстов што го пишувам е производ на мојата самоиницијативност. Сепак, оние кои имаат желба да бидат лидери, и тоа како треба да ја острат таа вештина. И секако комуникацијата, активното слушање и емпатијата.

македонски пазар на труд и најбарани вештини за работа
Фото: Unsplash

Македонија и вештините за работа

На македонскиот пазар на труд доминираат услужните и административните занимања. Според Агенцијата за вработување, дел од најбараните професии во 2025 се оператори во кол – центри, продавачи, општи и административни работници. За да се биде успешен во овие професии, потребна е комбинација од дигитална писменост и меки вештини.

👉 Прочитајте и: Најбарани занимања во Македонија 2025

На крај: Иднината им припаѓа на тие што учат

Секој човек треба да се помири со тоа дека ниту една професија не е целосно безбедна, но и да биде уверен дека ниту една не е целосно загорзена, се разбира, доколку е подготвен да се надградува. Вештините за работа не можат да се стекнат преку ноќ, туку со вложување на време, трпение, љубопитност и желба за раст.

Во свет којшто е подложен на постојани промени, најважната вештина е способноста за учење. Оние луѓе кои се подготвни доживно да учат ќе останат релеватни, продуктивни и вредни, без разлика како и да изгледа пазарот на труд во 2030 година.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk