Во поголемиот дел од Австрија следната година нема да има зголемување на платите на политичарите
Во повеќето австриски покраини, како и на федерално ниво, следната година нема да има зголемување на платите на високите политички функционери, пренесуваат локалните медиуми.
Според весникот Krone, платите на покраинските гувернери веќе ја надминуваат заработката на потпретседателот на владата или на федералните министри. Така, на пример, градоначалникот на Виена зема околу 2.000 евра повеќе од својот партиски колега, вицеканцеларот Андреас Баблер.
Најголемиот број австриски покраини објавија дека во 2026 година нема да ги зголемуваат платите на политичарите. Единствен исклучок е Горна Австрија, која најави покачување од 3,3 проценти почнувајќи од јули следната година. Виена и Бургенланд сè уште немаат донесено одлука по ова прашање, наведува Krone.
Најдобро платен гувернер останува градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, кој во моментов заработува 22.657 евра месечно — повеќе од платата на заменик-канцеларот (20.979 евра). За споредба, претседателот на Националниот совет заработува 20.025 евра, а министрите по 19.072 евра.
Платата на гувернерот на Горна Австрија, Томас Штелцер, изнесува 20.623 евра, со што е трет најдобро платен гувернер во земјата. И покрај тоа, тој инсистира на зголемување на платите на политичарите во неговата покраина.
На второто место по висина на плата е гувернерката на Долна Австрија, Јохана Микл-Лајтнер, која прима 21.660 евра месечно, пишува Krone.
Извор: b92.net
Фото: Shutterstock/Fertas

