СветСветот на работникот

Германија во потрага по негуватели: Нов закон со кој ќе им се дадат поголеми овластувања

Германија со години се соочува со сериозен недостиг од негуватели. Со цел да ја подобри состојбата и да ја направи оваа професија поатрактивна, германскиот Бундестаг во четвртокот усвои нов закон со кој негувателите добиваат поголеми овластувања. Овој чекор треба да ја забрза работата во здравствените установи и да го направи повикот попримамлив за нови кандидати.

Според новите правила, негувателите ќе можат да преземаат дел од одлуките кои досега беа исклучиво во надлежност на лекарите. Тоа се однесува, на пример, на згрижување на рани, како и на грижата за пациенти со дијабетес и деменција.

„Негувателите сега можат да направат многу повеќе,“ изјави германската министерка за здравство Нина Варкен, пренесува агенцијата dpa. Таа истакна дека со ова се олеснува процесот на згрижување и се распоредува работата на повеќе страни, при што негувателите веќе даваат немерлив придонес во системот.

Една од најзначајните новини е тоа што во одредени случаи, негувателите ќе можат сами да постават дијагноза и да започнат со соодветна терапија во рамки на згрижувањето, без потреба од претходно лекарско одобрение. Конкретните детали за овие овластувања ќе ги дефинира здравствениот сектор на Германија.

Министерката Варкен нагласи дека новите правила ќе придонесат и за помалку бирократија:
„Секоја минута административна работа што ќе го заштедиме на негувателите, станува минута посветен на грижата за луѓето,“ рече таа.

Извор: b92.net

Фото: Shutterstock / Chinnapong