Светот на работникот

„За вистински сериозни и општествено одговорни компании, на прво место се вработените“

Преку глава ми е од компании кои себеси се сметаат за многу сериозни, затоа што имаат сериозни продукти, сериозни проекти, сериозни профити, а притоа се тотално несериозни и неодговорни спрема своите вработени, спрема оние кои им ги реализираат сериозните проекти и продукти и им ги остваруваат сериозните профити.

Преку глава ми е и од компании кои се претставуваат како општествено одговорни, затоа што се спонзори на спортски клубови и некакви ми ти кампањи, не затоа што имаат алтруистички и хумани побуди, туку со една единствена цел – себерекламирање, а притоа се неодговорни спрема оние кои им ги обезбедуваат парите за спонзорства (читај реклама).
Не бе драги мои газди и менаџери, не тоа суштината на општествената одговорност!!!

За вистински сериозни и општествено одговорни компании, на прво место се вработените. Тие знаат дека компанијата расте само ако нејзините работници се чувствуваат вклучени, вреднувани, видени, почитувани и заштитени, а не само искористени! Кога работникот чувствува дека за компанијата, тој не е само било кое безначајно и заменливо бројче на платен список, туку дека е ценет како човек и како личност, тој ќе биде лојален, одговорен и вреден и ќе даде многу повеќе од она што од него се бара, затоа што само така ќе биде мотивиран да ја остварува мисијата и визијата на компанијата.

За среќа, времињата се менуваат, и генерациите се менуваат. Цврсто верувам дека само компаниите кои имаат почит спрема трудот, спрема работникот, само тие ќе бидат големи.