Земја во која попладневниот одмор е правило: Помеѓу 14 и 17 часот продавниците не работат
Кога ќе се спомне Шпанија, поголемиот дел од луѓето прво помислуваат на фламенко, тапас и сиеста. Ретко кој обичај предизвикува толку стереотипи како попладневното дремење, кое често се претставува како доказ дека Шпанците сакаат да работат помалку од остатокот од светот.
Меѓутоа, вистината е сосема поинаква. Сиестата не настанала од мрзеливост, туку како одговор на климата, начинот на работа и општествените околности кои со векови го обликувале животот на Пиринејскиот полуостров. Денес, парадокално, токму во Шпанија сѐ помалку луѓе имаат можност да го практикуват овој обичај, пишува Nova.rs.
Сиестата е дел од шпанската култура, но нејзините корени не настанале само поради летните жештини. Всушност, зад овој обичај се крие спој на историја, економија, земјоделие и начин на живот кој трае со векови.
Што всушност е сиеста?
Зборот сиеста потекнува од латинскиот израз hora sexta, односно „шестиот час“ по изгревањето на сонцето. Во римска ера тоа бил периодот околу пладне, кога луѓето правеле кратка пауза од работата.
Во текот на вековите овој обичај се задржал ширум Медитеранот, но токму во Шпанија станал дел од националниот идентитет.
Класичната сиеста подразбира пауза после ручекот која трае помеѓу 20 минути и еден час. Спротивно на врежаното мислење, таа никогаш не била замислена како повеќечасовно спиење.
Дали настанала поради високите температури?
Делумно да, но тоа не е главната причина.
Во јужните делови на Шпанија, како Андалузија и Екстрамадура, летните температури често преминуваат 40 степени. Во време кога немало клима уреди, работењето на отворено помеѓу 13 и 17 часот било речиси невозможно.
Земјоделците, градежните работници и сточарите затоа прекинувале со работа во најтоплиот дел од денот и продолжувале во предвечерието, кога сонцето ослабнува.
Меѓутоа, овој образец не е карактеристичен за целата земја. Во северна Шпанија, каде летата се значајно поблаги, сиестата постоела и покрај пријатната клима. Тоа покажува дека високите температури не се единствено објаснување.
Зошто сиестата станала начин на живот?
Историчарите сметаат дека поважната причина бил распоредот на работа.
Сѐ до втората половина на 20 век многу Шпанци имале две работи за да ги прехранат семејствата. Помеѓу нив оделе дома на ручек и краток одмор.
Поради тоа работниот ден не завршувал во 17 часот, туку често дури околу 20 или дури 21 часот.
Истовремено, ручекот бил најважен семеен оброк. За разлика од многу земји каде се јаде на брзина, во Шпанија семејствата седнувале на маса, а оброкот траел значајно подолго. Краткиот одмор после јадење природно се вклопил во таквиот ритам.
Науката вели дека од кратката дремка има корист
Бројни истражувања покажуваат дека краткото попладневно спиење може да има позитивни ефекти.
Дремката од 10 до 30 минути може да ги подобри концентрацијата, будноста, расположението, да го намали заморот и да ја зголеми продуктивноста.
Проблемот настанува кога сонот трае повеќе од еден час, бидејќи тогаш може да дојде до т.н. „инерција на сонот“, чувство на поспаност и забавеност по будењето.
Со други зборови, традиционалната сиеста не е замислена како повеќечасовно спиење, туку како кратка пауза која ја враќа енергијата.
Не практикуваат сите сиеста во Шпанија
И покрај стереотипите, поголемиот дел од вработените во големите градови како Мадрид, Барселона или Валенсија повеќе немаат можност да одат дома на попладневен одмор.
Современото работно време, канцелариските работи и меѓународните компании значајно го промениле секојдневнието.
Според истражувањата спроведени во Шпанија, голем број од граѓаните велат дека ретко или никогаш не спијат попладне во текот на работните денови. Сиестата денес е многу честа меѓу пензионерите, децата, луѓето кои работат од дома или вработените во помалите места.
Зошто Шпанците вечераат толку доцна?
Една од причните поради кои многумина и понатаму мислат дека сиестата е секојдневна појава е фактот дека Шпанците вечераат многу доцна, често помеѓу 21 и 22 часот.
За тоа постои историско објаснување.
Во текот на диктатурата на Франциско Франко во 1940 година, Шпанија ја променила временската зона и преминала од времето кое ѝ одговора на географската положба на средноевропско време, за да биде усогласена со Германија.
Резултатот е дека сонцето во Шпанија заоѓа подоцна отколку што се очекува, па дневните навики се смениле. Ручекот започнува околу 14 или 15 часот, а вечерата околу 21, а одењето на спиење често дури после полноќ.
Извор: Blic.rs

