МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Владата се става во улога и на работодавач и на синдикат, вели Ристески

Бобан Илијевски

Во последниов период, Владата воопшто не ги зема во предвид ставовите на синдикатите. Ова го потврдува и фактот што предлог измените на Законот за работни односи со кои се предвидува да се воведе 60 часовно работно време, не поминаа низ Економско – социјалниот совет.

Марјан Ристески, Претседател на Конфедерацијата на синдикални организации – КСОМ, во изјава за порталот Работник, вели дека односот на власта кон синдикатите, во последно време, се базира само на тоа што ќе кажат владините претставници, а она што ќе го предложат синдикатите, многу малку се зема во предвид.

На почетокот, вели тој, власта покажала интерес за социјалниот дијалог, но по се изгледа дека истиот бил само декларативен.

Ристески потенцира дека застрашувачко е тоа што Владата носи уредби и предлог измени кои се однесуваат на работниците и работодавачите, без воопшто да ги консултира истите.

„Без да биде дискутирано на Економско – социјалниот совет, Владата укинуваше колективни договори и носеше уредби. Тоа не води никаде, туку само создава револот. Добро е што сето ова што се случува ги обедини сите синдикати во борбата против ‘непријателот’ кој ги маргинализира истите“, вели Ристески.

Ристески е дециден дека предлог законските измени за воведување на 60 часовна работна недела мора да бидат дискутирани на Економско – социјалниот совет, за да можат синдикатите и работодавачите да дадат свои мислења за истите. Но, Владата не го почитува ова, ставајќи се себеси и во улога на работодавач и синдикат.

Претседателот на КСОМ ги повика сите работници на 1 мај – Денот на трудот, да се приклучат на протестите на синдикатите против сите неправди кои им се нанесуваат.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски посочи дека со воведување на 60 часовна работна недела ќе се зголемела продуктивноста на работниците кои ќе работат на коридорите 8 и 10д, но и на останатите „стратешки проекти“.

Доколку бидат изгласани измените за 60-часовна работна недела за работниците на коридорите 8 и 10 ќе се зголеми нивната продуктивност, рече тој и додаде:

„Доколку бидат донесени овие законски измени, ќе може да се ангажираат помал број работници и да се работат повеќе часови, па поголем дел од финансиските средства ќе останат во државата. Без законски измени ќе дојдат повеќе работници од странство. Сите работници ќе имаат право да дадат согласност за 60 часа работа неделно и секој час би бил платен“.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk