КолумниСветот на работникот

Кога инфлацијата ги јаде платите на работниците кои имаат далеку подобар стандард од нашиот, што да правиме ние?!

Штрајкови, протести и борби за работнички права. Вака накратко може да се опише ситуацијата во Европа и светот во изминатиот период.

Во Велика Британија се чини дека сите штрајкуваат. Последните информации од медиумите велат дека штрајкуваат половина милион вработени. Најголемиот дел од нив во јавниот сектор. Причината за штрајкот е инфлацијата и работните услови. Работниците бараат да им се зголемат платите.

Поради ниските плати штрајкуваа и 11,000 работници во Финска.

Во Франција еден милион луѓе протестираат против пензиските реформи на Макрон, а штрајкуваат и актерите и театарските работници во Грција, поради тоа што со новите закони, нивните плати нема да растат согласно колективните договори, кои постојат за работничките права да ги направат поповолни за работниците.

Во Македонија, штрајк е најавен за 9 февруари од страна на Секретаријатот и стручните служби на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а причината за штрајкот се ниските плати.

Речиси на сите вработени најголем проблем им се платите, а со зголемувањето на инфлацијата, тој проблем стана уште поголем. Кога во земји како Финска и Велика Британија платите на работниците не им стигнуваат да преживеат, а нивниот стандард е далеку поголем од нашиот, тогаш македонските работници се во значајно полоша економска ситуација.

Властите во Македонија велат дека минималната плата во март месец оваа година ќе се зголеми на над 20,000 денари, од друга страна дел од синдикатите велат дека инфлацијата ќе го изеде и тоа зголемување.

Вчера излезе официјален податок дека минатата година во Хрватска на сезонска работа биле над 10,000 македонски граѓани – бројка којашто воопшто не е за потценување. За оваа година, се очекува бројката да биде уште поголема, бидејќи се зголемува и интересот од страна на луѓето да работат во оваа земја.

Кога ќе се погледне севкупната ситуација во однос на работните односи во Македонија, логично е човек да си помисли дека работниците сакаат да заминат од тука.

Податоците на Управата за јавни приходи за тоа дека во декември месец над 8,000 работодавачи не им имаат исплатено плата на преку 25,000 работници јасно укажуваат дека бројот на несовесни менаџери е сѐ уште многу голем. Кога граѓаните го читаат ова неизбежно е да си помислат дека немаат иднина во оваа земја.

Сепак, тука мора да се земе во предвид и фактот што за истиот месец  55,571 работодавачи им исплатиле плати на 520,359 вработени. Овој податок укажува на тоа дека голем е и бројот на работодавачи кои ги почитуваат законските обврски, што дава надеж за тоа дека има компании каде што се вреднува трудот на работникот.

На почетокот од оваа писание беа споменати штрајковите и протестите на работниците и граѓаните низ Европа. Причината за тоа е што освен во Франција, каде протестите се против пензиските реформи, во другите земји се штрајкува и протестира поради ниските плати. Но, на крајот од денот сите овие европски држави ќе успеат да се изборат со проблемите, бидејќи имаат совесни влади. Македонија многу тешко. Особено не кога се предлагаат законски решенија кои не се во прилог на работниците.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk