ПравдаСветот на работникот

(ВИДЕО) Протест на вработените во Алкон Текс: Не им се исплатени платите, ниту принудниот одмор

Бобан Илијевски

Педесетина работници на Алкон Текс – Штип денеска на протест го искажаа своето незадоволство поради кратење на правата од работен однос и правото на егзистенција од нивниот труд кои се загарантирани со Уставот, како највисок правен акт. 

На вработените во оваа текстилна фабрика, поддршка им даде и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, преку првиот човек на синдикатот, Благоја Ралповски, како и Кристина Ампева од Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“.

Бисера Кафтанова, вработена во Алкон – Текс во изјава за „Работник“ рече дека поради тоа што го истрошиле сите механизми за да им се исплати платата во законски предвидениот рок, согласно Законот за работни односи го прават овој протест, со цел да ја известат јавноста, институциите и работодавачот дека е незаконско ваквото кршење на правата и доцнење на платата, особено во ваква економско – социјална и здравствена криза. 


„Работевме во карантин, без прекини. Луѓе се разболуваа, откази се делеа, а притисокот и мобингот станаа секојдневие. Платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, а преку старите се ослободуваат од вишокот. Субвенции од државата редовно се земаат, само за нас плати нема. Па, овој протест нека биде за сите да не молчат, да се борат за своите права и за своите плати кои иако се мали, тешко се заработуваат“, рече Кафтанова.

Јордан Ефремов претставник на конфекцијата, која работи во објектот со забелешка дека работничките и новинарите биле ненајавени и неинформирани оти фирмата „Алкон-текст“ од април не е закупец на овој простор.

Од Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ истакнаа дека по неколкумесечни калкулации од страна на работодавачот за префрлање на работници од стара фирма во нова, се дојде до ситуација поголем број на работници да бидат испратени на принуден одмор. Како што велат, работодавачот е должен да им исплати 70 % од платата на работниците кои ги испратил на принуден одмор.
 
Истакнаа дека работниците сведочат дека не им се исплатени деновите кои ги работеле во месец април 2021 година, а со тоа не им се исплатени ниту придонесите на плата, ниту принудниот одмор, кои претставуваат законска обврска на работодавачот. 
 
„Здружението Гласен Текстилец Штип ги поддржува работничките и вработените во текстилната индустрија и искористување на сите механизми за остварување на нивните права и ги охрабруваме вработените не само во текстилната индустрија туку и во целиот приватен сектор да пријавуваат неправилности и кршење на правата од работен однос“, велат од Гласен Текстилец.
 
Вработените не застануваат само со денешниот протест. Тие ќе организираат уште два протести во четврток и петок, од 9 до 10 часот.