Во Македонија растењето на дете родителите месечно ги чини од 12.000 до 16.000 денари
Родителите во Македонија месечно за одгледување едно дете трошат од 12.000 до 16.000 денари, покажува анкета на „Центар за еднаквост и правда“. Годишно тоа изнесува околу 150.000 до 200.000 денари.
Според родителите, денешните трошоци се поголеми од порано поради активности како курсеви, спортски тренинзи и организирани забави. „Порано децата се играа на улица, а родителите дома подготвуваа торти за родендени. Денес, за роденден често се трошат и по 30.000 денари“, вели Фросина Вељановска-Петрушевска.
Социологот Лилјана Полевска додава дека финансиски денес е потешко да се задоволат сите потреби на детето, особено со растечкиот стандард и социјалниот притисок. Истражувањето покажува дека најголеми трошоци имаат родители на бебиња и тинејџери, додека УНИЦЕФ констатира дека секое трето дете во земјата живее во сиромаштија.

