Останато

Сакаш да направиш повеќе пари – размислувај „надвор од кутијата“

Пишува: Бобан Илијевски

Кога на некој ќе му кажеш дека има шанси да успее да изгради кариера во Македонија, тој иронично се смее и ти вели дека си луд, а потоа дополнува: „Ти изгледа не знаеш во каква држава живееш. Ова не е Швајцарија, ниту Америка“. И колку и да се обидуваш да го убедиш, нема шанси, бидејќи соговорникот постојано ја спомнува државата. Епа почитувани читатели, верни и неверни, јас во ова мое писание нема да се обидувам да ве убедувам, туку само ќе ви посочам неколку факти, преку кои самите ќе увидите дека постојат многу можности да се изгради кариера. Но, пред да продолжам понатаму морам да кажам дека ова писание се однесува на оние коишто сакаат да изградат кариера преку една од најмоќните алатки на 21 век – интернетот. Не мислам само на оние коишто веќе работат или сакаат да работат во ИКТ секторот, туку и во други дејности кои не се директно поврзани со овој сектор.

Денес, еден од најактуелните начини на работа е – фриленсингот. Има еден куп на млади луѓе од Македонија коишто заработуваат доста добро работејќи како фриленсери, и тоа за работодавачи од целиот свет, преку веб платформите коишто се наменети стриктно за оваа потреба. Потребни се вештини, за извршување на тие работни задачи, а тие не е тешко да се стекнат, не особено кога на располагање имаме стотици бесплатни туторијали и курсеви на You Tube, преку кои може, се разбира доколку сакаме, да ги научиме потребните вештини за да можеме да ја сработиме одредената задача и да заработиме пари. Верувајте, луѓе коишто работат како фриленсери за странски работодавачи навистина заработуваат добро. Овој начин на работа ви овозможува да живеете во Македонија и да работите од дома за работодавач од некоја друга држава. Со ова автоматски можете вие да го темпирате времето како што сакате. Самите одлучувате кога ќе работите, а кога ќе земете одмор. Мора да се нагласи дека постои тука еден проблем, а тој се состои во тоа што доколку работите како фриленсер нема да имате здравствено и пензиско осигурување, но од друга страна пак ќе имате добра заработка, па ќе можете од тие средства да ги плаќате здравственото и пензиското осигурување.  

Доколку пребарате на Гугл веб страни за фриленсери, сигурно ќе најдете многу. Откако ќе ги отворите истите, ќе видите дека се бараат најразлични услуги. На пример, на некој му е потребен content writer или content creator (и двата термини можат да се преведат како „креатор на содржини), за да пишува постови за неговата веб страна или неговиот блог. Имате и огласи за дигитален маркетинг, за пишување на електронски книги итн. Така да, имате обемен дијапазон на задачи коишто можете да ги извршите и притоа да заработите пари за да си дозволите достоинствен живот. Нормално е дека и вие ќе треба да вложите труд за да ги научите потребните вештини, но секако вложениот труд ќе ви се исплати. Она што морам да споменам е дека потребно е да се познава англискиот јазик на високо ниво, бидејќи истиот ќе го користите за работа.

Сигурно после ова што го прочитавте, се прашувате зошто ми текнало да пишувам токму на оваа тема, а не на нешто поврзано со работните односи. Сметам дека мораме ние младите да се оттргнеме од тој менталитет и од тоа размислување дека не можеме да заработуваме доволно и дека немаме иднина во оваа држава. Зарем мислите вие дека Американците, Швеѓаните, Данците и другите побогати народи чекаат од државата? Не. Точно е дека владите во овие држави обезбедуваат големи економски благодати за граѓаните, но на крајот од денот тие не им ги носат заработките, туку тие ги обезбедуваат самите, размислувајќи „надвор од кутијата“. Тоа е всушност нашиот проблем. Ние Македонците не размислуваме „надвор од кутијата“, туку седиме во комфор зоната и чекаме од државата (ова особено се однесува на младите). Сметам дека поголемиот дел од младата популација има знаење и е интелектуално способна да стекне нови вештини, а потоа и нови кариери, за да дојде до конечната цел – успехот.   

Верувам дека ќе дојде време, кога овој модел на работа ќе биде најмногу застапен во одредени сектори, бидејќи истиот е прифатлив за доста луѓе, но и за голем број на работодавачи ширум светот.