Останато

„ГЛЕДАЈТЕ НА НЕГО КАКО ДА Е СЕСИЈА ЗА ЗАПОЗНАВАЊЕ“: Совети за интервју за работа за интровертните луѓе

Интервјуата за работа умеат да биде многу тешки. Тие се процес преку кој кандидатот треба да докаже дека е вистинскиот избор за компанијата. Затоа потребно е да биде смирен и воздржан и, како што пишува CNBC, да го покаже својот карактер преку споделување на лична приказна.

Сепак, не секој може да сподели своја лична приказна, особено тоа тешко оди кај затворените луѓе (интровертите) кои се посрамежливи и порезервирани од останатите.

Тони Франа, главен експерт за кариера во FlexJobs вели дека едно од најчестите прашања кои ги поставуваат луѓето кои себеси се опишуваат како „интроверти“ е како да зборуваат за себеси, своите вештини и кариерни достигнувања со самодоверба, за време на интервју за работа.

Во прилог следуваат четири совети за интервју за работа наменети за интровертите.

Гледајте на интервјуата како на сесии за запознавање

Една од тактиките со кои можете да се користите за да ги смирите нервите за време на подготовката и самото интервју, е да го согледате разговорот од друга перспектива.

„Гледајте на него како на сесија за запознавање“, вели Јоланда Овенс, експерт за кариера во веб страната за барање работа The Muse. Таа додава дека многу луѓе тоа го прават на дневна основа и ги прави да се чувствуваат покомфорно. „Толку се навлезени во тоа, што можат да го прават и во сон“.

Таа препорачува да се однесувате, барем за себе, дека веќе сте ја добиле работата и дека состанокот е само за тоа да видат колку одговарате за следниот потенцијален проект.

Без разлика на вашиот пристап, идејата да го согледате разговорот од поинаква перспектива, може да ви помогне да го намалите притисокот врз вас.

„Интервјуто не наликува на испрашување, туку на разговор“, вели таа.

„Бидете колку што е можно повеќе подготвени“

Како и за се останато, подготовката е клучна и за интервјуата за работа.

Започнете со „подготовка на тоа што ќе го кажете на почетокот на интервјуто и како ќе го кажете истото, внимавајќи тонот на гласот да биде сигурен, пријателски и професионален“, вели Франа. Не треба да го пишувате воведот и да го запамтите збор по збор, но добро е да нафрлите неколку идеи за тоа како да почнете и да ги имате на ум за да имате осет за насоката на вашиот монолог.

Земете ги во предвид прашањата кои секогаш се поставуваат на интервју за работа, како и тоа што бара работната позиција. „Бидете што е можно повеќе подготвени пред интервјуто“, вели Франа, „вклучувајќи за и безначајните разговори, кои често можат да ги ‘сопнат’ неподготвените кандидати и да ги натераат премногу да мислат или да се чувствуваат беспомошни“.

„Пристапете на начин кој е најприроден за вас“

Постојат ли алатки кои можат да ви го олеснат процесот на интервјуирање?

Некои луѓе сакаат да користат визуелни стимуланси за време на презентациите, на пример, слајдови или физички примери од нивната работа. „Јас сакам да размислувам гласно. Со себе носам мала табла и цртам на неа додека зборувам“, вели Овенс.

„Пристапете на начин кој е најприроден за вас“, вели таа. Понесете со себе било каков предмет кој ќе има некаква смисла за време на интервјуто.

Бенефитот од ова не е само што ќе направи да се чувствувате покомфорно, туку може да ви даде и сенс за културата чиј дел би можеле да станете.

„Ако ве гледаат на-криво со очите, тогаш најверојатно нема да ви биде комфорно да работите со нив“, вели Овенс. „Но доколку е нешто што е прифатено, тогаш ќе знаете дека ќе можете да бидете автентични на вашето ново работно место“.

„Потпрете се на својата интровертна природа“

Исто така, постојат придобивки кои произлегуваат од тоа што сте интроверт, кои можат многу да ви помогнат за време на интервјуата за работа.

„Генерално, интровертите се добри слуштатели кои често треба внимателно да размислуваат за тоа што ќе го речат пред да зборуваат“, вели Франа. Тоа може да доведе до посилен одговор отколку кога ќе кажат нешто што веднаш ќе им падне на ум. Обидете се да кажете нешто како, „тоа е интересно, дозволете ми малку да размислам за тоа“, советува Франа.

Овенс вели дека не постојат правилни или погрешни одговори за време на интервју за работа. Вашата вистинска одговорност е да зборувате за вашето искуство и да процените дали тоа работно место е вистинскиот избор за вас.