Граѓаните на 191 да пријават ако има зголемување на „замрзнатите„ цени
На бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) граѓаните можат да пријават случај на драстично зголемени цени на основни прехранбени производи кои со одлука на Владата се замрзнати.
-На оваа бесплатна телефонска линија сите граѓани можат да пријават неправилности кај трговците што не ја почитуваат одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи,напиша на својот Фејсбук профил министерот Бектеши.
Согласно Одлуката за определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало која е објавена во „Службен весник“, започнувајќи од 06.12.2021 година, се замрзнуваат цените што се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежо месо и сувомесни производи и сирење и урда.
Оваа одлука ќе важи до 31 јануари 2022 година.

