Останато

Да не беше трагично, ќе беше смешно, но на народот не му до смеење со 100 денари да го преживува денот

Бобан Илијевски

Секоја власт во Македонија обожава да ни продава слатки лаги, за тоа дека ќе ги исполни ветувањата кои ги ветила пред изборите. Како што тече мандатот, ние гледаме токму лаги, но не слатки, туку напротив горчливи. Проблемот е тоа што убедливо се добри во тоа да ги продаваат лагите на народот, што веќе станува, како што би рекол премиерот, банално. Не знам до кога ќе биде вака. Се надевам дека генерациите коишто доаѓаат ќе направат промени, бидејќи увидуваат во каква држава живееме и дека истата се повеќе и повеќе се празни.

Кога сме кај празнењето на државата, вчера излезе едно истражување од страна на Вестминистер фондацијата за демократија и Институтот за иновации и развој коешто покажува дека Западен Балкан на годишно ниво губи 5,5 милијарди долари поради иселувањето на младите. Само Македонија, иселувањето на млад и работоспособен кадар ја чини 333 милиони евра годишно (според истражување на Вестминистер фондацијата за демократија од 2020 година). Ова значи дека заминувањето на еден млад образован човек земјата ја чини 40,000 евра, сума којашто воопшто не е за потценување и која би требало длабоко да ги замисли политичарите во која насока сакаат да продолжат да ја движат државата. Податоците на Светска банка пак, покажуваат дека 500,000 луѓе ја имаат напуштено Македонија, заклучно со 2020 година. Најголемиот дел од нив се работоспособни и образовани и не толку изненадувачки, се од ИТ секторот. Зошто не е ова изненадувачки? Епа поради фактот што токму програмерите имаат најголеми шанси да најдат работа во некоја од државите од Западна Европа или САД.

Исто така, уште едно истражување, овој пат на „Балкан барометар“ покажало дека 41 % од граѓаните на Македонија активно планираат да ја напуштат држава, а во слична состојба се и државите од регионот. Само 71 % од младите од Западен Балкан планираат да си заминат во странство.

Премиерот Зоран Заев неодамна имаше една, по мене банална, изјава во која вели дека „нашата дијаспора може уште утре да се врати дома“. Дијаспората едвај чека да се врати дома. Чекаше само одобрение од првиот човек на државата за да ги спакува куферите и да дојде тука да работи за 300 евра плата кај газди кои ќе ги изложуваат на мобинг, ќе ги тераат да работат прекувремено без да можат им платат за тоа, едноставно ќе им ги прекршуваат сите работнички права коишто им следуваат согласно законските прописи и меѓународните конвенции и декларации. Лично мислам дека нашата дијаспора се искинала од смеење кога ја слушнала оваа изјава. Да не беше трагична, ќе беше смешна и за нас. Не знам како високи функционери на власта си дозволуваат да даваат вакви изјави. Не би сакал да продолжам да коментирам, бидејќи се плашам да не употребам некој недоветен збор.

Да ги земете сите прес – конференции и обраќања на актуелните македонски политичари можете да создадете една комична компилација, но како што веќе реков, на народов не му дојдено до смеење, бидејќи преживува со 100 денари дневно. Но, можеби идејата на власта е да преку смеа ги реши проблемите на луѓето. И можеби ќе им успее, хахахха многу тешко.

Несреќна изјава беше и таа на Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во која рече дека растот на цените на прехрамбените производи не треба да ги загрижува граѓаните. Каков гаф човече. Во услови кога 70 % од луѓето се на минимална плата оди 15,194 денари, мислам дека растот на цените им е најголема грижа на граѓаните, со оглед на тоа што со оваа сума на пари не можат да си дозволат да ги набават основните производи за да можат да преживеат, а не да живеат пристојно. Нема што повеќе да се каже.

Продолжете слободно да ја свирите истата музика, но верувајте дека народот се повеќе и повеќе престанува да игра на истата.