КолумниПравдаСветот на работникот

Дали е Ден на трудот или Ден на не вреднување на трудот?

Први мај – Меѓународен ден на трудот, празник кој треба да не потсети на сите подвизи и жртви коишто ги имаат направено работниците во минатото, за да успееме да имаме ваков систем во денешно време. Но, да се запрашаме дали во Македонија се ценат идеалите на овие работници? Јас би рекол НЕ. За жал, тие се сфатени здраво за готово и не се почитуваат во целост. Утрешниот ден, треба да го посветиме на работничката класа и да размислиме зошто е доведена до степен на сиромаштија. Но, не само утрешниот ден да биде потсетник, туку и секој ден потоа. 24/7, 365 дена во годината, треба да бидеме посветени на луѓето коишто придонесуваат во градењето на оваа држава, придонесуваат на зголемувањето на економската активност и се најзаслужните за функционирањето на целата држава.

Пишува: Бобан Илијевски

Како државата, веќе 30 години, ги наградува, можеме самите да видиме. Јас барем гледам, за другите не можам да зборувам. Срамно е во време кога сите одат кон тоа да ги почитуваат и негуваат работничките права, ние како држава, да бидеме оценувани како системски прекршувачи на работничките права и да ѝ парираме на Зимбабве, наместо да бидеме во делокругот на Западната хемисфера. Ќе бидеме принудени, еден ден, да се запрашаме каде грешиме, но тогаш ќе биде веќе доцна и ќе биде неверојатно тешко да се вратиме на крстосницата, каде што наместо да свртиме десно, ние сме свртиле лево. Таа крстосница веќе ќе биде далеку од нас. Недостижна. Да почнеме да ја бараме додека е време и да свртиме на вистинската страна.

Младите ни се селат. Една анализа покажува дека државата губи 300 милиони евра годишно поради емиграцијата на младите. Зарем е таа мала сума на пари? Зарем не можеме овие пари, наместо да ги губиме, да ги инвестираме во економските капацитети на младите? Да, можеме, но по се изгледа дека не сакаме.

Трансформирање на работен однос од неопределено на определено време, а потоа отпуштање; принудување на работници да потпишуваат спогодбени откази; мобинг; непочитување на законите, односно нивно селективно применување; прогони на синдикални лидери поради организирање на протести и јавни собири на кој работниците сакаат да го искажат своето незадоволство; нефункционален трудов систем, на кој и тоа како му е потребна сурова реформа; немање на инспекциски капацитетите во Државниот Инспекторат за труд за споредување на почести надзори, особено во приватниот сектор, но и во јавниот, се само дел од девијациите кои ги видовме во изминатата година, но и оваа.

Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 си го зема својот данок, како од здравствен, така и од економски аспект. За оние работници кои останаа без работа беше најтешко да соберат финансиски средства за да можат да се лекуваат од овој вирус. Можеби помалку, но тешко беше и за оние работници коишто се на минимална плата, самохрани мајки, татковци….

Според ова, мислам дека е залудно да се зборува за славење на Први мај. Сигурен сум дека оние илјадници работници коишто останаа без работа, нема да го слават. Нема да го слават и оние коишто се на минимална плата. Се додека ситуацијата е ваква каква што е, празнувањето на овој ден на работничката класа, ден на трудот, нема да биде празнување, туку само уште еден ден поминат во сиромаштија и страв од губење на средствата за егзистенција.