ЕкономијаМакедонијаСветот на работникотСиндикат

„Заминувањето на работниците ќе предизвика увоз на работна сила, а увозот пад на цената на трудот“

Бобан Илијевски

Во вториот и последен дел од темата којашто ја отвори порталот Работник, за тоа дали Македонија би требало да склучи договор со Германија за обука на квалификувани работници и вработување, разговараме со Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски. 

Ова е прашање за милион долари. Од аспект на социјалната сигурност и економската сигурност на работниците во Македонија и се полошите услови за работа и стандардот за живот на работникот, доаѓаме во ситуација кога размислуваме свесно да кажеме дека треба да склучи ваков договор. Вака, првиот човек на КСС Балагоја Ралповски ја започнува својата изјава за порталот Работник, притоа додава: „Кога размислуваме од патриотски причини со срце, знаеме дека ако се случи такво нешто, Македонија во рок од 5, 10, 15 или 20 години ќе остане, не само без работна сила туку и без жители на нејзина територија“. 

Според Ралповски, постојат два аспекти. Првиот аспект е тоа што работниците живеат се полошо, затоа што се се‘ полоши работните услови, а вториот е економијата е се полоша и нема просперитет за истата. Поради тоа, тие како синдикат подолго време укажуваат на тоа дека државата, пред се, треба да помогне во рестартирање на системот на трудовото право и сите закони коишто влегуваат во него. 

Ние како работници се наоѓаме во една тешка ситуација, каде што не чувствуваме сигурност во институциите, инспекторатите, судовите, работодавачите… Законот за работни односи, за кој министерката за труд и социјална политика, овие денови рече дека ќе се донесе – повторно ќе кажеме, и тоа е наш став, како КСС- и стариот закон за работни односи не е се‘ уште имплементиран, па да видиме што во него недостасува или што е во него не е добро, за да можеме да пристапиме кон промена и носење на еден нов и модерен закон“, вели Ралповски. 

Има широка лепеза на закони во делот на трудовото право, посочи тој, потенцирајќи дека Законот за безбедност и здравје при работа не се почитува, притоа нагласи дека во ек на пандемија, овој Закон предвидува да се исплаќа 100 % боледување на сите кои на работно место се заболеле од Ковид – 19 или се во изолација, а тоа не се почитува. Исто така, Законот се прекршува и во делот на проценката на ризик, најмногу во однос на пандемијата, а се прекршуваат и одредбите за заштита на работниците на работното место. „За овој податок сведочат се поголемите повреди на работните места и се поголемите смртни случаи“.

Законот за минимална плата, објаснува Ралповски, не се почитува во целост или се почитува една третина, а две третини од законот не се почитуваат. Тој ги наброја и Законот за административни службеници, Законот за јавни службеници, колективните договори кои се склучени со работодавачите, кои наидуваат на прекршувања. Во однос на колективните договори, тој рече дека тие не се усогласуваат со законите од делот на трудовото право, пред се, Законот за минимална плата, безбедност и здравје при работа…

Според сето ова, се доаѓа во една страшна ситуација, во која работникот доколку добие понуда од земја како што е Германија, без размислување би ја прифатил. 

Тешка е ситуацијата. Треба добро да се размисли дали Македонија треба да влезе во една таква авантура, затоа што знаеме колкава е миграцијата којашто се случи во последните 4 – 5 години. Многу работници во екот на пандемијата заминаа од Македонија и во поблиското соседство (Црна Гора и Хрватска), а да не зборуваме за шанса која би им се пружила во Германија каде што животот би им бил поедноставен и полесен затоа што едноставно ќе имаат да ги сервисираат своите потреби за живот и тоа не само за нив, туку и за своите семејства“, рече Ралповски. 

Под итно, апелира тој, треба да се презмат мерки и да започне да функционира социјалниот дијалог во Македонија, затоа што тоа е предусловот, за да работниците седнат и кажат што всушност не чини и што треба да се направи и нивните предлози да не се ставаат во фиока, како досега, туку за нив да се разговара на јавни дебати. 

Ова е начинот преку кој може се избегне егзодузот на работниците од Македонија поради кој најмногу би страдал реалниот сектор.

Иако за тие коишто би останале би се зголемила цената на трудот, сепак постои друга опасност – државата би можела да потпадне под капиталот, а капиталот се наоаѓа кај работодавачите – постои опасност од увоз на работна сила, која не само што би ги загрозила работните места на постојните работници, туку и би ја намалила цената на трудот во државата, а со тоа ќе започне почетокот на крајот на една убава приказна, а тоа е суверена, самостојна Република Македонија, за којашто во 1991 година се одлучија најголемиот број од граѓаните, предупредува Ралповски. 

Тој укажа на тоа дека сите политички партии кога разговараат во Собранието за некои популистички мерки дека религија треба да им биде почитуваниот работник и почитување на трудот. 

Од државата, според него, би заминале и оние коишто земаат плата во плик, а се осигурани на минималец. 

Запрашан за тоа дали и вработените од јавниот сектор би заминале од Македонија, доколку би се склучил ваков договор, Ралповски е дециден дека би заминале, од причина што 80,000 од нив работат на минимална плата и не можат да живеат пристоен живот.