Дали е време да дадеш отказ? Овие 5 знаци јасно го покажуваат тоа
Сите барем еднаш сме го почувствувале она непријатно стегање во стомакот кога ќе се сетиме дека доаѓа понеделник. Чувство на безволност, нервоза, недостаток на мотивација… Си поставуваш прашања: Дали ова навистина е работата со која сакам да се занимавам? Дали ме води некаде? Дали отказот е решение?
Ако овие мисли сè почесто ти се вртат низ глава, можеби е време да застанеш и да преиспиташ каде си и каде одиш. Овие 5 јасни знаци укажуваат дека променаната на работното место може да биде следниот логичен чекор. Не грижете се – никој не бара да донесеш одлука преку ноќ, но важно е да го слушнеш сопствениот глас.
1. Постојано си емотивно исцрпен
Еден од најочигледните знаци дека нешто не е во ред со твојата работа е чувството на празнина и исцрпеност. Ако секое утро одиш на работа со тежина во градите и чувство дека твоето ментално здравје е загрозено, тоа не е во ред.
Младите генерации сè повеќе ја препознаваат важноста на менталното здравје за долгорочниот успех. Ако работата ти зема повеќе отколку што можеш да дадеш, тоа е сериозен аларм.
Според истражување објавено во 2022 година во Journal of Business and Psychology, емотивната исцрпеност сериозно може да ја наруши твојата продуктивност, креативност и општа животна сатисфакција. Ако деновите минуваат во стрес и анксиозност, можеби е време да размислиш за следниот чекор.
2. Немаш простор за напредување
Имате чувство дека тапкате во место? Дека сте заглавени во рутина без никаква можност за напредок? Можеби сте на погрешното место и можеби отказот е решението…
Генерацијата Z сè почесто ги избира работните места што нудат простор за учење и развој. Според LinkedIn Workforce Report од 2018 година, на младите им е важно да имаат јасна можност за раст. Ако тоа го нема на твоето сегашно работно место – можеби е време да побараш нешто што го заслужуваш.
3. Не веруваш во тоа што го работи твојата фирма
Кога не се пронаоѓаш во вредностите и целите на компанијата во која работиш, ентузијазмот брзо исчезнува. Ако не се согласуваш со мисијата на фирмата или едноставно не ти е грижа за тоа што се работи – тоа со тек на време ќе се одрази на твојата мотивација.
Истражувањето на McKinsey & Company од 2020 година покажа дека младите сакаат да работат во средина што ги дели нивните вредности. Ако фирмата не е „на иста фреквенција“ со тебе – зошто да останеш?
4. Нема флексибилност
Ригиден распоред, строго работно време, нема опција за работа од дома… Ако твојата работа не дозволува флексибилност, тешко дека ќе успееш да ги усогласиш работниот и приватниот живот.
Според истражувањето на Gallup од 2021 година, флексибилноста е еден од најважните приоритети за младите вработени. Ако твојата моментална работа не го поддржува тој баланс, можеби е време да побараш работно место што го прави тоа.
5. Лоши односи во тимот
Ако не ти е пријатно во колективот, ако не се согласуваш со колегите или не чувствуваш дека си дел од тимот – тоа е сериозен проблем. Квалитетната тимска динамика е еден од клучните фактори за задоволство на работа.
А ако и со шефот немаш здрав однос… тоа може да биде капката што ја прелева чашата. Размисли – сепак, физичкото и психичкото здравје се многу важни.
Извор: BIZLife

