ПравдаСветот на работникот

Доколку работодавачот не им исплати плати и придонеси 3 месеци последователно, работниците имаат право да покренат иницијатива за стечај

Бобан Илијевски 

Македонското здружение на млади правници одговора на неколку прашања поврзани со членот 67 од Законот за работни односи, кој предвидува дека работниците на кои работодавачот не им исплатил плата и придонеси три месеци последователно, имаат право да поднесат иницијатива за стечај на работодавачот. 

Што во суштина значи став 1 од членот 67 од Законот за работни односи?

Од Македонското здружение на млади правници велат дека членот 67 од Законот за работните односи им дава овластување на работниците доколку не им се исплатат три последователни плати, да поведат постапка за стечај над нивниот работодавач, која се уредува со Законот за стечај.

Како оди постапката за покренување на иницијатива? Колку работници од одредена компанија се потребни за да се покрене инцијатива?

Од МЗМП објаснија дека согласно членот 5 од Законот за стечај или реорганизација над стечајниот должник се спроведува кога истиот е неспособен за плаќање, односно му претстои идна неспособност за плаќање.

Ќе се смета дека должникот е неспособен за плаќање ако во период од 45 дена од која било негова сметка, кај кој било носител на платниот промет, не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање. Во случај на поднесување на предлог за отворање на стечајна постапка заради неисплатени плати или придонси, условот кој треба да се исполни а доаѓа од Законот за работни односи изнесува 3 последователни неисплатени плати и придонеси, велат од МЗМП.

Од таму велат дека согласно членот 51, ст.1 од Законот за стечај, Стечајната постапка се поведува на предлог на доверителот, должникот или друго лице овластено со закон. Оттука, секој работник има право да поднесе предлог за отворање на стечајна постапка над работодавач кој не му исплатил три последователни плати или придонеси, но законот не ограничува и секако дека можат да се јават и повеќе предлагачи на истиот предлог.

Истакнаа дека доколку стечаен судија дозволи отворање на стечајна постапка, тогаш сите доверители, вклучително и сите работници на кои работодавачот им нема исплатено макар и една плата или придонес, имаат право да ги пријават своите парични побарувања во стечајната маса. Додадоа дека работниците го имаат истото право и доколку над работодавачот е отворена стечајна постапка по пријава од страна на друг доверител или до страна на самиот работодавач.

Колку овој механизам се практикува кај нас?

Од МЗПМ рекоа дека иако има доста случаи во кои работниците ги пријавиле своите неисплатени плати и побарувања во стечајна постапка, не се директно запознаени дали некоја постапка е иницирана на предлог на работници по овој основ.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk