ПравдаСветот на работникот

ДОСЕГА САМО 0,6 % ОД ТАТКОВЦИТЕ КОРИСТЕЛЕ РОДИТЕЛСКО ОТСУСТВО – ЌЕ ИМ СЕ ОЛЕСНИ ЛИ НА МАЈКИТЕ СО НОВИОТ ЗАКОН?

За сегашната традиционалната поделба на родовите улоги голем придонес има актуелниот Закон за работните односи кој грижата на малите деца ја препознава како одговорност само на мајките – работнички, велат од независната истражувачка организација „Реактор“.

Потоа, како што велат, голем удел во тоа има и недостатокот на детски градинки кои можат да го олеснат трудот на грижа, посочија од таму и додадоа дека во Македонија 87 % од децата на возраст помала од 3 години не се во формални установи за детска грижа, во споредба со 64,7 % во Европската унија.

Како што споменавме и во првиот дел, потребно е да се работи на зголемување на балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот и кај мажите и кај жените, а во тоа може да придонесе и законската рамка.

Од „Реактор“ се осврнаа и на тоа дека сегашниот Закон за работните односи им дава директно право на родителско отсуство само на мајките, а татковците истото можат да го користат само преку нивните сопруги, кога тие не можат да го користат отсуството (на пример, во случај на смрт на мајката) или пак доброволно откажување на мајките од своето право да ги користи сите 9 месеци родителско отсуство и пренесување на истото на таткото.

„Овие одредби за родителско отсуство во постоечката законска рамка не го препознаваат во целост правото на родителско отсуство и за мајките и за татковците, има ја доделуваат примарната родителска улога на мајките и ја ограничуваат можноста за татковско отсуство кое им следи на татковците како нивно индивидуално право кое јасно се разликува и не потекнува од правото на родителско отсуство од мајките“, велат од „Реактор“.

Сегашното законодавство, објаснуваат од таму, не дава ниту можност за заеднички модели на родителско отсуство кои ќе ја земат во предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата и ќе овозможат споделување и комбинирање на родителско, татковско и породилно отсуство според потребите на родителите, како на мајките, така и на татковците.

Неповолните законски услови можат да имаат големо влијание и врз нискиот процент на мажи родители/старатели кои го користат своето право на родителско отсуство.

Податоците кои со нас ги сподели „Реактор“ велат дека процентот на учество на мажите во родителското отсуство е 0,6 % наспроти огромните 99,4 % на жените.

Од таму посочуваат дека токму поради ова, од голема важност е новиот Закон за работните односи кој веќе подолго време се пролонгира и е во процес на изготвување и консултации со различни засегнати страни.

„Тој конечно ветува позитивни промени во однос на родителското отсуство, преку воведување на татковско отсуство за татковците и можност за споделени модели на родителско отсуство и за мајката и за таткото“, велат од „Реактор“.   

Во однос на тоа какви дополнителни мерки би требало да се воведат за поголемо учество на жените на пазарот на труд, од организацијата посочија дека постојат краткорочни и долгорочни политики кои можат да се применат на ниво на сектори, но за нив е потребна потполно нова студија.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk