МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ЗА ЕДНИ МАЈКА, ЗА ДРУГИ МАЌЕА: На дел им се зголемиле платите, а другите не добиле ништо

Од 26 август, железничкиот сообраќај повторно е во застој. Една од причините за тоа е неисплатениот втор дел од платата за месец јули, вели Претседателот на Синдикатот на машиновозачи, Тони Димовски.

 [ai_playlist id=”284080″]

Бараат од следниот месец платата целосно да им се исплаќа, бидејќи, како што вели, другите фирми земаат одеднаш плата, а не двократно, како што земаат машиновозачите. А и во самиот Закон за работни односи стои дека до 15 треба да се исплати платата, потсетува тој.

Првиот дел од платата за јули го зеле во петокот (25 август), а тоа, вели нашиот соговорник, го нема во ниедна фирма во државата.

„Излегува дека секој месец треба да бојкотираме за плата. Тоа што сме го изработиле, не можеме да си го земеме, а камо ли пак да бараме покачување. Мојата основната плата е 23,000 денари, колку што догодина се планира да изнесува минимална плата. Тоа ќе значи дека ние како машиновозачи, со огромни одговорности, ќе работиме за минималец“, рече Димовски.

Друга причина за бојкотот, како што вели Димовски за Работник, е и изменувањето и дополнувањето на систематизацијата за коефициентите на работни места, со кое само одредени вработени во Железници добиле зголемување на платите.

„Има 240 решенија поделени за купување на политички поени. Фирмата за едни е мајка, а за други маќеа. И тоа на истите им се поделени убави коефициенти, што испаѓа околу две илјади и нешто денари плус покачување на плата“, рече Димовски.

Димовски, како претседател на синдикатот ги побарал измените на систематизацијата, но од фирмата добил одговор дека ги немале во пишана верзија. „Ако ја немаат на пишано, можат да ми ја испратат преку меил. Мене, како претседател на синдикатот, ме интересира да видам кој колку поени има, бидејќи ние како синдикат имаме право на увид во систематизацијата“, вели тој.

Минатиот пат кога бојкотирале, се договориле со раководството да се изнајмат уште најмалку две локомотиви од странство, бидејќи моментално имаат само две за товарен сообраќај.

„Со две локомотиви ние за 1,600-700 вработени во двете фирми (Транспорт и Инфраструктура), не можеме да заработиме толку пари. Плус немаме дизел локомотиви по стандарди, а пругата не е електрицифирана, па мораме да возиме дизел. Имаме две дизел локомотиви, но се со четири мотори и по правило не смеат ни да бидат во сообраќај. Но, за да изработиме, возиме некако“, истакна Димовски. 

Бараат Владата да покаже слух за нивните проблеми и да им излезе во пресрет.

Бојкотот ќе трае се‘ додека не се исполнат нивните барања.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk