СветСветот на работникот

Загрозени 600 работни места: Компанијата за соларни панели “Meyer Burger“ пред стечај

Соларната компанија Meyer Burger се наоѓа во длабока криза. По прекинот на производството на соларни панели во САД, германските подружници на швајцарската компанија Meyer Burger Technology поднесоа барање за отворање стечајна постапка.

Компанијата со седиште во Швајцарија објави во саботата дека, и покрај интензивните разговори за зачувување на работењето на подружниците Meyer Burger (Industries) GmbH и Meyer Burger (Германија) GmbH, напорите засега не дале резултати.

„Овие напори досега беа бесупешни, но ќе продолжат во рамки на стечајната постапка под надзор на судски назначен привремен управител,“ се наведува во соопштението.

Загрозени околу 600 работни места во Германија

Според достапните информации, во фабриката за производство на соларни ќелии Meyer Burger Industries во Талхејм (град Битерфелд-Фолфен) работат 331 вработен, кои уште од мај годинава се на скратено работно време. Во подружницата Meyer Burger Германија во Хохенштајн-Ернштал, пак, работат 289 лица во машинскиот сектор и развој на технологии, а и тие веќе од минатата година се вклучени во таканаречениот kurzarbeit (државно субвенционирано скратено работно време).

Уште во пролетта 2024 година, компанијата го затвори својот погон во Фриберг (Саксонија), што беше прв сигнал за сериозните предизвици со кои се соочува Meyer Burger.

Покрај тоа, компанијата побара продолжување на рокот за доставување на финансиските извештаи за 2024 година, додека разговорите за реструктурирање сè уште траат. Сегашниот рок истекува на 31 мај 2025 година.

Прекинување на производството во САД

Во ноќта меѓу четврток и петок, Meyer Burger соопшти дека целосно го прекинува производството на соларни панели во САД, иако производството било во фаза на проширување на капацитетите. Причината – недостаток на финансиски средства.

Сите преостанати 282 вработени во погонот во Goodyear (Аризона) добиле отказ. Производството е моментално стопирано, а иднината на погонот останува неизвесна.

Во моментов, Meyer Burger продолжува со преговори со група доверители во обид да ја спаси компанијата од целосен колапс.

Извор: b92.net