Законите се кршат пред очите на народот, а ветувањето за правда секогаш е најгласно
Синдикалните претставници и лидери во Македонија се постојано прогонувани од страна на властите, а за тоа сведочат многу случаи во кои претставниците на работниците се деградирани и прераспределувани од едно на друго работно место, само поради нивните синдикални активности. Притисоците одат дотаму што им се делат и откази, како и се наоѓаат други „дупки“ во законите само за да се ослободат од нив. Ова е сликата којашто јас ја создадов во овие две години.
Според Законот за работни односи, синдикалниот лидер е заштитен, но бидејќи законите во Македонија се само прачиња хартија, тоа не се спроведува во пракса. Ова укажува дека штом во јавниот сектор каде работодавач е Владата се кршат законите, замислите како би било во приватниот сектор. Ниеден газда не би дозволил да има синдикат во неговата фирма, а оној кој би поднел ваква иницијатива, би бил избркан од работа. Тука мора да се земат во предвид и оние компании каде што има синдикати, но тие се ретки. За тоа дека треба синдикалниот претставник да биде заштитен укажуваат и Меѓунардоните конвенции на Меѓународната организација на трудот, како и колективните договори кои имаат сила на закон.
Она што мене дополнително ме загрижува кога се работи за јавниот сектор е непочитувањето на судските одлуки од страна на одредени Министри. Судот му налага да го врати работникот кој е и синдикален лидер, на неговото претходно место, но тој не ја почитува неговата одлука. Да беше ова во некоја Западна демократска држава, тој Министер досега ќе беше разрешен и против него ќе се водеше правна постапка, бидејќи не ја испочитувал одлуката на судот. Епа, почитувани, како ние ќе се надеваме дека ќе имаме правда, кога не се почитуваат и имплементираат судски одлуки, ниту пак има реакции за прераспределување на вработени на работни места кои се на другиот крај од државата.
Навистина веќе ми е небулозно да слушам за воведување на правда и почитување на законите. Вакви безначајни фрази се сервираат на народот веќе 30 години. Да сакаа да воведат правда, досега ќе воведоа, но не сакаат. Барем нека признаат дека водат свои интереси и да завршиме со ова патешествие. Тогаш народот ќе знае дека залудно се надева дека ќе биде подобро и ќе добие поголема мотивација за да замине некаде надвор. Морам тука да бидам прецизен, не ја обвинувам само актуелната власт, туку сите власти кои досега владееле со самостојна Македонија. Нема да биде реално ако само прстот го вперуваме кон актуелната власт, кога се работи за правда и почитување на законите.
Ќе се носи нов Закон за работни односи, но која е поентата? Вистина е дека корона вирусот влијаеше кон тоа да се измени трудовото законодавство, но тоа нема да има големо значење во пракса. Премногу сум разочаран од сето ова што се случува со кршење на работничките права. Јас сум оптимист, но со сила – со сила се држам за оптимизмот. Сепак, немаме друг избор освен да се надеваме на подобро. Мислам дека не е работа да имаме негативистички поглед кон работите, бидејќи тоа не е добро лично за нас.
Но, што и да биде, факт е дека после поминувањето на корона кризата, иселувањето ќе биде во подем, колку и да не сакаме така да биде, сепак е неизбежно. Никој веќе не може да ги поднесе празните предизборни ветувања.
Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник
Бобан Илијевски

