Зголемувањето на цените не е поради електиричната енергија – тие поскапувања доаѓаат допрва
Професорот и претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во денешното интервју за Радио Слободна Европа вели дека актуелното поскапување на цените на основните и другите производи не се должи на зголемувањето на цената на електричната енергија на слободниот пазар., туку дека таквиот бран на инфлација допрва доаѓа.
– Сега во интерес на вистината да кажам дека барем до сега овој раст на цените што го имавме не се должи на зголемените цени во тој обем на енергенсите, на електричната енергија, затоа што тоа допрва доаѓа, затоа што се најдовме во една незгодна ситуација да набавуваме на дневна основа електрична енергија по највисоки цени и тоа нормално во иднина, со извесно задоцнување ќе има негативен ефект на растот на цените. Од друга страна на растот на цените, тоа мора да го признаеме влијаат и некои мерки кои што беа неопходно во минатото. Минатата година ние имавме значителен пад од над пет проценти на Бруто домашниот производ, рецисија во четири квартали, а со задолжување од надвор се поддржуваа доходите на одредени социјални групи, се делеа плати или субвенции на претпријатијата и таа куповна моќ, сега соочена со помало производство, нормално притиска на цените, вели членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Славески, мерката на замрзнување на цените на основните производи од страна на Владата до 31 јануари 2022 е популистичка и нема да ги реши долгорочните проблеми.
– Не во никој случај. Слушнавме и од стопанството, од компаниите дека ова е една популистичка мерка, која нема да повлијае на заштита на животниот стандард. Затоа што кога го пригушувате стандардот, особено кога се работи за отстапување на она што се трошоци за производство или набавка, знаеме ние дека во нашата дневна палета на производи што ги користиме, користиме значителен обем на производи кои што се од увоз, тука ние не можеме да влијаеме. Реперкусиите ќе се или недостаток на некои артикли на пазарот со замрзнати цени, сива економија и слично. Ова е една непазарна мерка која треба што побрзо да се напушти, да се влијае на факторите, кои придонеле до таков дисбаланс, до таква дестабилизација. Само да потсетам ние во 2007-2008 година имавме слична ситуација со цените на енергијата. Да потсетам, нафтата во јули 2008 година достигна цена од 142 долари за барел, сега не е повисока од 75-80 долари беше највисоката и после се симна. Имавме драматичен пораст на цените на житарките на светските пазари. Не замрзнавме цени, тоа е едно добро менаџирање на состојбите, инфлацијата се покажа од времен карактер и цените се смирија за само неколку месеци. Мислам дека лошо се менаџира, тврди тој.

